Фото: Игор Бансколиев

Откако Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) го иницираше овој настан со премиерното издание во Крањска Гора во 2019-та, искусни тренери предавачи ги споделуваа искуствата со тренери и наставници по физичко воспитување што работат со деца, односно се насочени на тренинзите на почетно ниво на одбојката. Лани на конвенцијата учествуваа 164 тренери и наставници од пет континенти

ОДБОЈКА – ВО СЕПТЕМВРИ

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) ја продолжува добрата соработка со Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) преку организацијата на третата Тренерска конвенција, која ќе се одржи во Скопје, од 16 до 18 септември годинава, и на која ќе бидат одржани теоретски и практични предавања.
Откако ЦЕВ го иницираше овој настан со премиерното издание во Крањска Гора (Словенија), во 2019 година, искусни тренери предавачи ги споделуваа искуствата со стотици тренери и наставници по физичко воспитување што работат со деца, односно се насочени на тренинзите на почетно ниво во одбојката. Лани на конвенцијата учествуваа 164 тренери и наставници од пет континенти, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија.
Тренерската конвенција е годишна манифестација како дел од проектот „Играј одбојка, расти со неа“. Во неа активно беше вклучена и ОФМ, преку која на голем број клубови во Македонија им беа донирани топки, а повеќемина тренери и наставници по физичко воспитување имаа можност да присуствуваат на предавањата со акцент на тренинзите со деца.
– Се радувам што соработката помеѓу ОФМ со ЦЕВ се одвива на повеќе нивоа во последните неколку години. Тоа ја покажува подготвеноста на ЦЕВ да помогне, а во исто време и желбата на ОФМ да им ги доближи светските трендови на македонските тренери. Во тој контекст, во Македонија лани гостин беше реномираниот тренер, Белгиецот Криштоф де Лус, кој одржа предавања на исклучително значајна тема, а тоа е начинот на кој децата треба да тренираат во почетната фаза на развојот. Кога тренерите знаат вистински да ги анимираат, децата остануваат во одбојката, која добива сѐ поголема база и поголема шанса да создадат квалитет – вели Вук Карановиќ, поранешен репрезентативец на Македонија, кој сега раководи со Одделот за развој на ЦЕВ во Луксембург.