Фото: РФМ

Репрезентацијата на Македонија, која ќе се сретне на 8 и на 12 мај со Фарските Острови, игра за учество на 17-то големо натпреварување (ЕП и СП заедно), 14-то во низа

РАКОМЕТ

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, го соопшти поширокиот список со 36 ракометари за бараж-натпреварите со селекцијата на Фарските Острови за пласман на Светското првенство (СП), што в година треба да се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка. Во првиот натпревар, на 8 мај, Македонија гостува, а вториот меч е четири дена подоцна, во Скопје (СЦ „Борис Трајковски“).
Македонската репрезентација досега има осум учества на мундијалите, шест во низа од 2013 година, а најдобриот пласман е деветтото место забележан во 2015 година. Црвено-жолтите имаат и осум учества на европските првенства (ЕП) и вкупно, од 2012 година, имаат 13 настапи по ред на европските и на светските шампионати.
Во составот, објавен на интернет-страницата на Ракометната федерација на Македонија, се интернационалците Никола Митревски од Порто (Португалија), Никола Костески од Плзен (Чешка), Мартин Поповски од Амицитиа (Швајцарија), Димитар Димитриоски од Валјадолид (Шпанија) и Филип Талески од Бенфика (Португалија), потоа од Вардар Мартин Томовски, Милан Лазаревски, Михаил Аларов, Томислав Јагуриноски, Мартин Карапалевски и Марко Мишевски, од Еурофарм Пелистер Марко Кизиќ, Жарко Пешевски, Цветан Кузманоски, Петар Атанасијевиќ, Марио Танкоски, Емилијан Ѓоргоски, Павел Атанасијевиќ и Филип Кузмановски, од Алкалоид Иван Галевски, Никола Маркоски, Марко Стојковиќ, Валентин Карасманакис, Мартин Велковски, Мартин Серафимов, Давид Савревски, Дамјан Митев, Марко Митев, Иван Џонов и Михајло Младеновиќ, од Охрид Гоце Ојлески, Никола Стоилевски и Горан Крстевски, од Бутел Скопје Томче Стојановски и Филип Николов и од Тиквеш Кристијан Атанасов. Н.М.