Би ги потенцирал големата борбеност и желба да победиме, но најголема бенефиција, сепак, е психолошкиот момент, оти и кога губевме со 4-5 гола разлика, ракометарките не попуштија, се вратија во натпреварот. За разлика од нападот, од кој сум задоволен, во одбраната немаме многу солуции за 6-0, па повеќе експериментиравме со 5-1 и 4-2, што се покажа успешно, но, секако, тоа не е и трајно решение и на тој план треба многу повеќе да работиме на следните тестирања, вели селекторот Савевски
РАКОМЕТ – ЕВРОКУП 2022
И Словенките и ние не бевме комплетни на овој дуел во Целје. Ни недостигаа Елена Ѓеорѓиевска, Зорица Деспотовска, Марија Штериова, ракометарки на кои сериозно сметам. Би ги потенцирал големата борбеност и желба да победиме, но најголема бенефиција, сепак, е психолошкиот момент, оти и кога губевме со 4-5 гола разлика, ракометарките не попуштија, се вратија во натпреварот, имавме шанса и за нерешен резултат, но тоа е тоа, го промашивме седмерецот, ни изјави селекторот на женската ракометна репрезентација на Македонија, Љубомир Савески, по поразот на Македонија од Словенија на гостински терен, со 28-29 (15-16), во третото коло на Еврокупот.
Второто полувреме беше резултатски нерешено, што само зборува за мотивацијата и за борбеноста. Искусниот десен бек Ана Грос (31) постигна десет гола за Словенија, а кај Македонките најефикасна беше Симона Стојковска со осум погодоци, Моника Јанеска реализира седум, а Сара Ристовска шест гола. Голманката Јована Мицевска имаше осум одбрани.
– Сметам дека потешко ќе биде во реваншот во Скопје, оти ракометарките се повеќе истрошени, згора и ова патување. Ќе се обидеме да ја повториме играта од Целје, да направиме поволен резултат, иако за мене играта е побитна од резултатот, како и тоа да провериме уште некоја ракометарка. За разлика од нападот, од кој сум задоволен, во одбраната немаме многу солуции за 6-0, па повеќе експериментиравме со 5-1 и 4-2, што се покажа успешно, но, секако, тоа не е и трајно решение и на тој план треба многу повеќе да работиме на следните тестирања – вели Савевски.
Во годинашното издание на Еврокупот учесници се трите домаќини на Европското првенство годинава, Македонија, Црна Гора и Словенија, како и актуелниот европски и светски шампион, Норвешка. Македонија утре, во четвртото коло, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје (18.30 ч.), ќе го одигра возвратниот дуел со Словенија и ќе настојува да се реваншира за минималниот пораз, а со тоа и да ја забележи првата победа во ова натпреварување.
Напредокот во играта на македонската репрезентација, иако некомплетна, е евидентен, особено ако се има предвид дека Словенија под водство на искусниот црногорски стратег Драган Аџиќ веќе подолго време (од април 2021) се уигрува. Македонските ракометарки се на вистинскиот пат пред ЕП 2022.
Влезот за мечот Македонија – Словенија ќе биде слободен. Поради превентивни мерки против ковид-19, дозволено е салата да биде пополнета со 50 отсто од капацитетот. За влез е потребно да се приложи еден од неколкуте документи, а тоа е сертификат за извршена имунизација, односно примена најмалку една доза вакцина против ковид-19 или сертификат за прележан ковид-19 во претходните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
ЕВРОКУП 2022
Словенија – Македонија 29-28
Црна Гора – Норвешка 27-32
ТАБЕЛА
Норвешка 3 3 0 0 6
Црна Гора 3 2 0 1 4
Словенија 3 1 0 2 2
Македонија 3 0 0 3 0
Идно коло: Норвешка – Црна Гора (денеска), Македонија – Словенија (утре).