Мораме да го смениме начинот на работа, да ги натераме девојките да веруваат во себе дека се способни за успех, ако сакаме да напредуваме. РФМ ќе ни овозможи соодветни услови, било во квалитетна исхрана, додатоци во исхраната, психолог, специјален тренер за физичка подготовка, поширок стручен штаб… Но, сепак, ракометарките се тие што треба самите најмногу да помогнат со своето залагање и вербата во успех, појаснува Савевски
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ
Македонската женска ракометна репрезентација предводена од селекторот Љубомир Савевски не успеа да се пласира во следната фаза на 15. Европско првенство (ЕП), кое се одржува во Словенија (група А и Б), Македонија (група Ц) и во Црна Гора (група Д), откако во СЦ „Борис Траковски“ во Скопје го забележа и третиот пораз (23-31) од Романија, дуел што директно одлучуваше кој ќе биде трет во групата и ќе оди понатаму. Македонија на ЕП во групата Ц претходно доживеа уште два пораза, од олимпискиот шампион и европски вицепрвак, Франција (14-24), и од Холандија (15-30), за на крајот да го освои четвртото место во групата.
– Не може да се постине добар резултат кога направивме толку многу грешки во нападот и имавме многу неискористени зицери. Ние немаме еднакво 16 квалитетни репрезентативки, па да ги ротираме во текот на натпреварот за да се зачува свежината кај сите, оти нема играч што може 60 минути да игра со исто темпо. Затоа е потребно да изградиме систем на работа, со кој екипата физички ќе се носи со сите репрезентации, а дури потоа да размислуваме за некој тактички напредок. Позитивно, пак, од ова ЕП е тоа што сите ракометарки, максимално бодрени од публиката, беа позитивно мотивирани, имаа желба да играат, да се докажуваат, да го дадат максимумот и јас од таа гледна точка немам забелешки – е првиот впечаток на селекторот Савевски.
Но што по ова ЕП, како понатаму, како да изградиме посилна репрезентација, која ќе постигнува и поквалитетни резултати.
– Мораме да ги искористиме најдобрите интернационалки и заедно со ракометарките што се тука да создадеме еден агресивен метод на работа, за барем да бидат физички подготвени, што е прв предуслов за да одговорат на задачите, оти во спротивно сѐ ќе биде попусто. Во услови на само 10 интернационалки, без помош од домашните ракометарки, многу е тешко да се игра со силни селекции. Во таа насока разговаравме со претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, уште пред завршувањето на групната фаза на ЕП, дека единствениот начин ако сакаме напредок во женскиот ракомет е да ги засукаме ракавите и да работиме макотрпно заедно со сите домашни клубови. Тоа посебно се однесува на генерацијата 2004 и 2005, која направи огромен успех во Литванија и се пласира на СП, а ќе игра уште и на едно СП, како и на ЕП следната година. Понатаму со Ракометната академија, исто така, имаме успешна соработка.
Секој понеделник и вторник имаме тренинзи со кадетките и пионерките, во насока да ги оспособиме да тренираат во што подобри услови, оти вакви услови немаат во своите клубови, а во кои, пак, има по една до две квалитетни ракометарки. Но не само тие ракометни надежи туку треба и сите други потенцијални кандидатки за репрезентацијата да се вклучат, бидејќи на ова ЕП се уверивме дека повеќето дојдоа полуподготвени. Сепак, мораме да го смениме начинот на работа, да ги натераме девојките да веруваат во себе, дека се способни за успех, ако сакаме да напредуваме во женскиот ракомет. РФМ ќе ни овозможи соодветни услови, било во квалитетна исхрана, додатоци во исхраната, психолог, специјален тренер за физичка подготовка, поширок стручен штаб… Но, сепак, ракометарките се тие што треба самите најмногу да помогнат со своето залагање и вербата во успех – појаснува Савевски.
Според Савевски, нема многу време за чекање, оти следуваат нови значајни натпреварувања.
– Нѐ очекуваат квалификации за СП во април следната година, а ждрепката е наскоро. Нема многу време за чекање, мораме многу посветено да работиме, во спротивно само ќе се залажуваме. Една искра, едно добро одиграно полувреме, како што беше на ова ЕП, не е доволно за напредок. Сепак, добра работа од ова ЕП е што видовме до кој степен може да играат и ракометарките што настапуваат во странство, а тие и не играат многу во странските клубови. Згора и немаме екстра квалитетни ракометарки за да можеме да се носиме со селекции од типот на ракометните велесили, како што се Франција, Холандија, па и Романија – вели Савевски, според кого, немало изненадувања и во следната фаза минале репрезентациите што објективно и го заслужиле тоа.
Во следната фаза понатаму одат по три селекции од секоја група (репрезентациите од групите А и Б ќе играат во Љубљана, а селекциите од групите Ц и Д во Скопје). Тоа се Норвешка, Хрватска и Унгарија (група А), Шведска, Данска и Словенија (група Б), Франција, Холандија и Романија (група Ц) и Црна Гора, Шпанија и Германија (група Д).
Ристовска одигра најмногу минути
Македонското десно крило Сара Ристовска е ракометарката што мина најмногу минути на теренот во фазата по групи, еден час и 56 минути. Таа влезе уште во две категории меѓу првите три, односно е втора во категоријата истрчани километри на теренот (15), а прва е Швајцарката Миа Еменегер (15,6) и третиот најбрз спринт (28,58 км/ч), а најбрза е Мариола Виертелак од Полска (31,57 км/ч). Најефикасна е Германката Алина Ријселс со 21 гол од 32 шута (65,6 отсто), најсилен шут упатила Романката Бјанка Базалиу (114,98 км/ч), најдобра голманка е Норвежанката Марарета Солбер со 33 одбрани од 69 удари (47,83), додека Македонката Јована Мицевска е на 10-то место со 21/77 (27,27).
Норвешка најефикасна, Швајцарија со најслаба одбрана
Репрезентацијата на Норвешка е најефикасна по фазата по групи, постигнувајќи вкупно 102 гола (34 гола во просек по меч) на трите средби, додека, пак, Франција има намалку примени голови 59 (19,6). Најмногу примени голови има Швајцарија 97 (32,3), а најмалку дадени Македонија 52 (17,3). Најдобра гол-разлика оствари Норвешка, плус 36 гола (во просек 12 по меч), а најлоша Македонија, минус 33 (11). Само селекциите на Норвешка, Франција и на Црна Гора забележа по три победи, додека без победи се Србија и Македонија.
ТРЕТО КОЛО
ГРУПА А, Љубљана
Хрватска – Швајцарија 26-26
Норвешка – Унгарија 32-22
ТАБЕЛА
Норвешка 3 3 0 0 6
Хрватска 3 1 1 1 3
Унгарија 3 1 0 2 2
Швајцарија 3 0 1 2 1
ГРУПА Б, Целје
Словенија – Србија 27-24
Данска – Шведска 25-23
ТАБЕЛА
Шведска 3 2 0 1 4
Данска 3 2 0 1 4
Словенија 3 2 0 1 4
Србија 3 0 0 3 0
ГРУПА Ц, Скопје
Македонија – Романија 23-31
Франција – Холандија 26-24
ТАБЕЛА
Франција 3 3 0 0 6
Холандија 3 2 0 1 4
Романија 3 1 0 2 2
Македонија 3 0 0 3 0
ГРУПА Д, Подгорица
Полска- Црна Гора 23-26
Германија – Шпанија 21-23
ТАБЕЛА
Црна Гора 3 3 0 0 6
Шпанија 3 1 0 2 2
Германија 1 1 0 2 2
Полска 3 1 0 2 2
ГЛАВНА ГРУПА 1
Норвешка 4
Шведска 2
Данска 2
Хрватска 2
Словенија 2
Унгарија 0
Двојки 1. коло (вчера): Хрватска – Словенија, Унгарија – Данска
ГЛАВНА ГРУПА 2
Франција 4
Црна Гора 4
Холандија 2
Шпанија 2
Германија 0
Романија 0
Двојки 1. коло (денеска): Холандија – Германија, Романија – Шпанија