Мојата подготовка со ракометарките е дека играме 120 минути. Верувам дека Македонија по долга пауза може да биде дел од СП, вели Савевски, пред мечевите в сабота и на 11 април
РАКОМЕТАРКИТЕ ГИ ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА БАРАЖ-ДУЕЛОТ ЗА СП 2023
Македонската женска сениорска репрезентација вчера во Скопје ги почна мини-подготовки за решавачкиот бараж-двомеч, в сабота и во вторник, со селекцијата на Украина за пласман на Светското првенство (СП), годинава во Норвешка, Данска и во Шведска. Репрезентативките на Македонија вчера го одработија својот прв тренинг, на кој поради обврски во своите клубови недостигаа само Сара Ристовска и Леонида Гичевска.
– Украина е ривал по мера за враќање на репрезентацијата на светските првенства. Има квалитетни ракометарки, кои играат добар школски ракомет, но не е репрезентација што во моментов се наоѓа во европскиот и светски крем. Според нашите анализи, Украина е мал фаворит во овој двомеч, но се надевам дека со помош на публиката ќе победиме на првиот меч во Скопје и дека тоа ќе ни биде ветер во грб за реваншот што нѐ очекува во Унгарија. Но тоа што играме дома во првиот меч не значи и дека е и голема предност, без оглед на разликата што би се обезбедила. Баражите се најтешки. Мојата подготовка со ракометарките е дека играме 120 минути. Верувам дека Македонија по долга пауза може да биде дел од СП – вели селекторот Љубомир Савевски.
Првиот дуел ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“, в сабота (од 19 часот), а реванш-натпреварот ќе се одигра во унгарскиот град Кишварда, на 11 април (од 17 часот). Вкупниот победник на двата натпревара ќе се пласира на годинашниот Мундијал. Во баражот има вкупно десет двојки. На годинашното СП досега од Европа се пласираа домаќините, како и Франција, Црна Гора и Холандија. Г.И.