Фото: ЕПА

Олимпискиот првак Франција во неизвесен меч го победи светскиот шампион Данска во финалето на ЕП 2024 во Германија и ја освои првата европска круна по десет години, вкупно четврта, само една помалку од рекордерот Шведска

РАКОМЕТ – ФРАНЦИЈА ГИ ОБЕДИНИ ОЛИМПИСКАТА И ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА

Репрезентацијата на Франција, актуелен олимписки првак, се врати на врвот на европското натпреварување за ракометари, откако во големото и неизвесно финале во преполнетата арена „Ланксес“ (20.000 гледачи) во германскиот град Келн го победи светскиот шампион Данска, со 33-31 (27-27, 14-14), по продолженијата.
– Можеби тоа е факт дека го сакаме притисокот, но, секако, нема да бидеме најдобриот тим во светот во секоја минута од секој натпревар. Но, успеавме да одиграме навистина добро во моментите што беа важни и тоа е главната работа – рече Недим Ремили, десниот бек на Франција, кој беше избран за најкорисен играч (МВП) на ЕП 2024.
Ова е четврта победа на Франција против Данска во вкупно шест меѓусебни меча за титулите на големите натпреварувања. Франција ги обедини олимписката и европската титула, во пресрет на новите Летни олимписки игри (ЛОИ) годинава во Париз. За „триколорите“ ова е прва европска круна по десет години, а вкупно четврто злато, само едно помалку од рекордерот Шведска. И претходниот европски трофеј Франција го освои со победа над Данска.
– Ние сме крајно разочарани, но Франција имаше неверојатна игра. Направивме многу грешки во првото полувреме, иако бевме во предност. Во вториот дел почувствував дека ова може да биде нашата игра, кога имавме три гола предност, но на крајот не можевме да ја задржиме. Чувствував дека Франција е навистина силна физички на крајот од натпреварот, навистина импресивна – вели десниот дански бек Матијас Гидсел.
Шведска го освои својот прв бронзен медал на ЕП (има и пет злата и едно сребро) победувајќи ја Германија, со 34-31, и се пласира на ЛОИ 2024, каде што од Европа засега сигурен настап имаат и Франција и Данска.
– Тоа беше едно од најтешките ЕП што некогаш сум ги играл. Имаше некои луди резултати и со секое подобрување на нивото на другите селекции, немаше лесни мечеви. Моравме да се бориме на секој натпревар, да бидеме фокусирани 100 проценти на секои две вечери, а тоа одзема многу енергија. Значи, во овој контекст, да, мислиме дека сме трета најдобра земја во Европа, убаво е – изјави централниот бек на Шведска, Џим Готфридсон.
Емил Нилсен (Данска) со вкупно 15 одбрани ја доби наградата за најдобар играч на финалето. Десниот бек Матијас Гидсел со вкупно 54 погодоци му се придружи на врвот на листата на стрелците на ЕП 2024 на Португалецот Мартим Коста, кој, пак, со 21 година е најмладиот играч што станал најдобар стрелец на едно ЕП. Најуспешен голман на ЕП 2024 е Нилсен со 77 одбрани од 195 шута (39 отсто успешност), а втор е Швеѓанецот Андреас Палчика со 77 одбрани од 205 шута (38 отсто). Данскиот бек Микел Хансен стана најдобар стрелец на сите времиња на ЕП за мажи со вкупно 296 погодоци.
– Кога ќе стигнете до полуфинале на домашно натпреварување, секако мислите дека можете да ја освоите титулата. Значи, горчливо е што ги губиме последните два меча и си одиме со празни раце. Во текот на последните два натпревара, двапати одигравме многу добри полувремиња, но не успеавме да го одржиме нашиот ефект на високо ниво цели 60 минути – рече десниот бек на Германија, Каи Хефнер.
На 16. ЕП во Германија македонската репрезентација го освои 17. место меѓу 24 селекции, забележувајќи два пораза, од Франција и од Германија, и една победа, над Швајцарија, со што не успеа да ја помине првата групна фаза.
ЕП 2026 треба да се одржи во Данска, Норвешка и во Шведска. Г.И.


Олстар-тим со играчи од шест репрезентации

По двајца Данци и Германци, а по еден Швеѓанец, Португалец, Австриец и Французин се најдоа меѓу најдобрите на Европското првенство (ЕП) во ракомет во Германија. Во најдобриот тим влегоа голманот Андреас Волф (Германија), левиот бек Мартим Коста (Португалија), централниот бек Јури Кнор (Германија), левиот бек Матијас Гидсел (Германија), левото крило Хампус Ване (Шведска), десното крило Роберт Вебер (Австрија), пикерот Лудовик Фабрегас (Франција) и дефанзивецот Магнус Саугструп (Данска).


Карабатиќ сега има 11 златни медали со Франција

Ова е 13-та титула за Франција на летните олимписки игри и на европските и на светските првенства, а во 11 титули учествуваше левиот бек Никола Карабатиќ. Тој стана единствениот ракометар во историјата што освоил 11 репрезентативни трофеи (по четири светски и европски и три олимписки титули), а ѝ се приклучи и на ексклузивната група на играчи што освоиле четири титули на европските шампионати, во која се Швеѓаните Ола Линдгрен, Стафан Олсон, Стефан Ловгрен, Магнус Висландер и Мартин Франдешјо.


Недим Ремили МВП на ЕП

Францускиот централен бек Недим Ремили е избран за најкорисен играч (МВП) на годинашното Европско првенство (ЕП) за ракометари, врз основа на неговите перформанси во текот на ЕП, со постигнати 34 гола и 53 асистенции, повеќе од кој било друг играч. За Ремили ова е прво вакво признание на едно големо натпреварување. Тој беше избран за најдобар централен бек на ЛОИ 2020, СП 2023 и десен бек на СП 2017.
– Чест е да се биде избран за МВП, кога ќе се погледнат поранешните победници, таму има само суперѕвезди. Но, се разбира, ништо немаше да биде можно без моите соиграчи. Ако им дадам асистенција, а тие не постигнат гол, тогаш статистиката нема да биде толку импресивна. Така, оваа награда оди и кај нив – изјави 28-годишниот Ремили.
Тројца играчи досега по двапати беа избирани за МВП на ЕП, Ивано Балиќ од Хрватска (2004, 2006), Никола Карабатиќ од Франција (2008, 2014) и Џим Готфридсон од Шведска (2018 и 2022).


Франција во 16 финалиња оствари 13 победи

Франција остана единствената репрезентација со стоотстотен ефект во финалињата на европските првенства (ЕП) за ракометари, откако на ЕП 2024 победи и во својот четврти меч за континенталната титула. Претходно славеше на шампионатите во 2006, 2010 и во 2014 година. За Франција тоа е вкупно 13-то злато од големите натпреварувања, бидејќи има и шест светски и три олимписки титули. Од вкупно 16-те финалиња, таа репрезентација загуби само три, и тоа две на светските првенства (СП) и едно на летни олимписки игри (ЛОИ).

ФРАНЦИЈА ВО ФИНАЛИЊАТА
НАТПР. ПОБ. ПОР.
ЕП 4 0
СП 6 2
ЛОИ 3 1


Шведска останува најуспешен домаќин на ЕП

Репрезентацијата на Германија го освои четвртото место на годинашното Европско првенство (ЕП) за ракометари и е седмата селекција што играше во полуфинале на ЕП на кое беше домаќин. Најуспешен домаќин останува репрезентацијата на Шведска, која го освои златниот медал на ЕП 2002. Како организатори на континенталното првенство сребра освоија Шпанија во 1996 година, Словенија во 2004-та, Србија во 2012-та и Данска во 2014 година, а бронза освои Норвешка во 2020 година, кога таа беше кодомаќин заедно со Шведска и со Австрија. НАЈДОБРИ ПЛАСМАНИ НА ДОМАЌИНИТЕ НА ЕП
ЕП ДОМАЌИН МЕСТО
1996 Шпанија 2
2002 Шведска 1
2004 Словенија 2
2012 Србија 2
2014 Данска 2
2020 Норвешка 3
2024 Германија 4


Шесто меѓусебно финале на Франција и на Данска

Репрезентациите на Франција и на Данска на Европското првенство (ЕП) во Германија во неделата шести пат меѓу себе играа во финале на големите натпревари за ракометари, како што се ЕП, летни олимписки игри (ЛОИ) и светски првенства (СП). Тоа беше четврта победа на Франција, која претходно славеше на дуелите со Данска и за златните медали на СП 2011, ЕП 2014 и на ЛОИ 2020. Данска победи во финалињата со Франција на ЛОИ 2016 и на СП 2023.


ЕП 2024

ДУЕЛ ЗА ПРВО МЕСТО
Франција – Данска 33-31
ДУЕЛ ЗА ТРЕТО МЕСТО
Шведска – Германија 34-31
ДУЕЛ ЗА ПЕТТО МЕСТО
Унгарија – Словенија 23-22

ПЛАСМАН НА ЕП 2024

1. Франција
2. Данска
3. Шведска
4. Германија
5. Унгарија
6. Словенија
7. Португалија
8. Австрија
9. Норвешка
10. Исланд
11. Хрватска
12. Холандија
13. Шпанија
14. Чешка
15. Црна Гора
16. Полска
17. Македонија
18. Грузија
19. Србија
20. Ф. Острови
21. Швајцарија
22. Романија
23. Грција
24. БиХ

ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ

ЕП РЕПР.
1994 Шведска
1996 Русија
1998 Шведска
2000 Шведска
2002 Шведска
2004 Германија
2006 Франција
2008 Данска
ЕП РЕПР.
2010 Франција
2012 Данска
2014 Франција
2016 Германија
2018 Шпанија
2020 Шпанија
2022 Шведскa
2024 Франција