Мечевите беа во рамките на неделата на ЕХФ, но и како дел од подготовките за настапот на Европското првенство (ЕП) во Германија, а двете селекции ќе играат и во јануари, во Скопје
РАКОМЕТ – НА ПРИЈАТЕЛСКИТЕ ДУЕЛИ СО ГРЦИЈА ВО СОЛУН
Македонската машка репрезентација оствари едно реми и една победа на двете пријателски средби со Грција во Солун, во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), но и како дел од подготовките за настапот на Европското првенство (ЕП) во Германија, кое ги очекува црвено-жолтите в година, каде што учесник е и Грција.
Првиот натпревар заврши со реми 29-29 (15-12), а со гол на Ненад Костески во последната секунда црвено-жолтите израмнија. Најефикасни кај Македонците беа Жарко Пешевски и Филип Кузмановски со по пет гола, а голманот Никола Митревски имаше 10 интервенции.
Сепак, тоа што беше пропуштено на првиот беше дополнето на вториот пријателски дуел, во кој Македонија славеше со 23-22 (12-10). Мартин Серафимов беше најефикасен со пет погодоци, четири гола впиша Мартин Велковски…
Македонија, покрај овие дуели, ќе одигра уште два во јануари в година, исто така со јужниот сосед. Црвено-жолтите на континенталното првенство се во тешка група заедно со домаќинот Германија, Франција и со Швајцарија. Првите две селекции од групите ќе обезбедат пласман во втората фаза на ЕП 2024. Г.И.