Ако претходно не беше јасно, сега е неоспорно, женскиот фудбал е незапирлив и тука ќе остане. Ова е повеќе од турнир, тоа е движење, а одговорот од цела Европа и пошироко докажува дека женскиот фудбал не само што е тука за да остане туку поставува нов стандард, изјави Надин Кеслер, раководителка на женскиот фудбал на УЕФА, пренесе „Ројтерс“
ФУДБАЛ
Групната фаза на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки, која заврши во неделата, имаше рекордна посетеност со речиси половина милион гледачи што присуствуваа на натпреварите, а 22 од 24 меча биле распродадени, пишува агенцијата „Ројтерс“. Според Европската фудбалска унија (УЕФА), покрај 461.582 гледачи на трибините, имаше и неколку рекорди во индивидуалните натпревари.
Мечот Германија – Данска во Базел привлече 34.165 гледачи, што беше најголема посетеност на натпревар од групна фаза во кој не игра домаќин на европските првенства. Повеќе од 17.000 гледачи од Германија на таа средба беа најголем број гостински навивачи што присуствуваа на натпревар на ЕП досега, а публиката од 34.063 на натпреварот на Швајцарија со Норвешка беше рекордна посетеност на натпревар на женската фудбалска репрезентација на Швајцарија, пишува „Ројтерс“.
– Ако претходно не беше јасно, сега е неоспорно, женскиот фудбал е незапирлив и тука ќе остане. Ова е повеќе од турнир, тоа е движење, а одговорот од цела Европа и пошироко докажува дека женскиот фудбал не само што е тука за да остане, туку поставува нов стандард – изјави Надин Кеслер, раководителка на женскиот фудбал на УЕФА, пренесе „Ројтерс“.
Дури и пред почетокот на турнирот, за ЕП 2025 беа продадени повеќе од 600.000 билети, надминувајќи ги 574.875 продадени за ЕП 2022 во Англија.
Турнирот е успешен и на дигиталните платформи, со 8,4 милиони ангажмани на платформите на социјалните медиуми, што е зголемување од 55 отсто во однос на истиот период во 2022 година.
Четврт-финалето на ЕП 2025 почнува денеска, со натпреварот меѓу Норвешка и Италија (од 21 часот), а потоа се средбите Шведска – Англија (утре, 21 ч.), Шпанија – Швајцарија (петок, 21 ч.) и Франција – Германија (сабота, 21 ч.). Н.М.