- Двете репрезентации денеска (16 ч.) ќе одиграат уште еден пријателски меч, но сега во Куманово, на кој ќе може да присуствува и публика
Машката ракометна сениорска репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Кирил Лазаров, ја совлада соодветната селекција на Јапонија со 29-27 во првиот пријателски дуел од предвидените два, во рамките на претстојната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Натпреварот се одигра без публика во спортската сала „Автокоманда“ во Скопје. Селекторот Лазаров им даде можност на повеќе играчи да добијат минутажа на теренот, да се пробаат повеќе тактички варијанти во нападот и во одбраната, со цел да се провери нивната моментална форма пред она што ги очекува во иднина.
Двете репрезентации денеска (16 часот) ќе одиграат уште еден пријателски меч, но сега во Куманово на кој ќе може да присуствува и публика. Пријателските дуели со Јапонија претставуваат важен дел од подготовките на македонската репрезентација за настапот на Европското првенство (ЕП), кој ќе се одржи во јануари следната година, во Данска, Шведска и во Норвешка.
Јапонија досега 16 пати настапила на СП, најдобриот пласман ѝ е 10-то место во Франција во 1970 година, а на СП 2025 беше на 28-то место. Македонија играла на девет СП, најдобар пласман ѝ е деветтото место во 2015 г., а годинава ја освои 15-та позиција. Двете селекции досега само еднаш играле меѓу себе на СП, и тоа во 2019 година, кога Македонија убедливо победи со 38-29. Г.И


































