Сите три држави се покажале како гостопримливи и одлични организатори, затоа со нетрпение го очекуваме ова првенство, изјави претседателот на ЕХФ, Видерер, на промоцијата на домаќините на ЕП годинава, Македонија, Словенија и Црна Гора
ВО ЉУБЉАНА
Во Љубљана, првпат во присуство на претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, се состанаа и претставници на трите федерации што ќе го организираат годинашново Европско првенство за жени (4-20 ноември), Македонија, Словенија и Црна Гора. Претставник на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) беше членот на УО, Александар Стефанов, стои во соопштението на интернет-страницата на РФМ.
– Голема чест за Македонија е што ќе биде домаќин на еден ваков голем настан, затоа што ракометот е спорт број еден во нашата држава. Ова ќе биде вторпат кај нас да се одржува ЕП за жени. Со нетрпение го очекуваме овој предизвик, ќе бидете добредојдени во Скопје – изјави Стефанов.
Видерер изрази задоволство што ЕП ќе се игра во овие три држави.
– Македонија беше домаќин на ЕП во 2008 година, Словенија организира ЕП за мажи во 2004-та, а Црна Гора има долга традиција во женскиот ракомет. Сите три држави се покажале како гостопримливи и одлични организатори, затоа со нетрпение го очекуваме ова првенство – изјави Видерер.
Претседателот на РФЦГ, Петар Каписода, е сигурен дека Црна Гора ќе биде одличен организатор на ЕП, а и Фрањо Бобинац, претседателот на РФ на Словенија и почесен претседател на ОК на ЕП 2022, не го криеше своето задоволство.