ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (240)

Драган Начевски (2)

Во градот под Марковите кули го доживеа најтешкиот момент во кариерата, беше нападнат и едвај спаси жива глава, на мечот помеѓу традиционалните ривали Тутунски комбинат и Вардар, во 2000 година. Судијата треба да биде храбар, но и умен, да ја чувствува играта и навремено да носи соодветна одлука. Тешко финале на ЕП 2002 меѓу Германија и Шведска

Во судискиот живот, на домашната и на меѓународната сцена, Драган Начевски, заедно со својот братучед Марјан, имаше многу пријатни, но некогаш и непријатни доживувања. Двајцата беа храбри и сигурни во донесувањето одлуки. Но таквото судење на оние чија екипа губеше не им се допаѓаше. Секој сака да победува, а ако тоа не се случи може да дојде и до несакани сцени на теренот, па некогаш дури и до тежок инцидент. Една таква ситуација, која Драган никогаш нема да ја заборави, имаше на дерби-средбата од шампионатот на Македонија помеѓу Тутунски комбинат и Вардар, одигран на 15 март 2000 година во Прилеп.
– Не знам од кои причини дел од домашните навивачи, наместо да им се лутат на нивните миленици, сиот гнев го исфрлија врз мене и Марјан. Одеднаш толпа луѓе, како по некоја команда, веднаш се најдоа на теренот. Разбеснети, не можејќи да се контролираат, иако покрај мене веднаш дојдоа двајца полицајци, почнаа да ме удираат. Тоа беше нешто страшно, гледав да спасам жива глава, зашто ниту полицајците не можеа да ја смират толпата. Бев буквално довлечкан кон соблекувалните, каде што напаѓачите не престануваа да ме удираат. Си помислив: „Драгане, ти нема спас, ова е твојот крај“, ете, до таа мера беа груби и жестоки напаѓачите. Крајниот епилог од сето ова беше 20-дневно лекување во болница. Докторите, замислете, и самите се чудеа како по толкуте тешки удари и повреди сум останал жив. За разлика од мене, Марјан имаше поголема среќа и веднаш беше одведен во ходникот кон службените простории каде што немаше „тепачи“. Јас бев во несвест и не бев свесен што точно се случувало. Само знам дека од тој ден го живеам мојот втор живот – се сеќава на најтешките мигови како судија Драган Начевски.
Многумина мислеа оти Драган Начевски по оваа прилепска драма ќе се повлече. Напротив, тој остана на ракометната сцена и судеше уште пет години.

УМЕН СУДИЈА Е НАЈДОБАР СУДИЈА

Девизата на Драган беше умно и концентрирано да ги води натпреварите. Нормално, секаде имало притисоци, но и тоа е дел од случувањата и сето тоа треба да се издржи.
– Умен судија е најдобар судија. Кога на ова ќе се додаде и храброста, тогаш е јасно дека работата е успешно завршена. Со Марјан имавме многу тешки одлуки на големите приредби. Но никогаш не потклекнувавме и максимално се држевме кон судиските правила. На тој начин никому не му дававме шанса да се пожали на нашето судење. Еве, ќе споменам и еден пример: го судевме финалниот натпревар на Европското првенство за сениори во 2002 година во Шведска, во кое противникот на домаќините, Германија, во последните 10 секунди, кога резултатот беше нерешен, не искористи пенал и мечот отиде во продолжение. Толку играта беше израмнета што по првото продолжение од двапати по пет минути, немаше победник, па се играа нови десет минути. На крајот Шведска победи и ја освои европската титула, а Германците мораа да чекаат дури седум години за триумф на шампионатите на Стариот Континент – вели Драган.

По секој натпревар загубен на ваков начин, нормално има најразлични коментари. Германците не го искажаа тоа директно, но како да им се подналутија на судиите. За ова не беа во право, зашто судењето на македонската двојка беше беспрекорно.
– Непосредно по овој меч бевме делегирани да судиме еден европски натпревар на Кил. Пред мечот по малку и стравувавме од тоа како ќе бидеме пречекани од гледачите, зашто Германците одлично го познаваат ракометот и може да проценат дали некој судија грешел или не. Но, за наша среќа и задоволство, кога се појавивме на теренот одекна громогласен аплауз. Повеќе ништо не ни беше потребно, зашто штом вака нѐ пречека публиката во Кил, знаевме дека и покрај поразот на Германците од Шведска на ЕП, добро сме суделе – вели Драган.

ВО 200 ОДЛУКИ МОЖЕ И ДА СЕ ЗГРЕШИ

Публиката можеби не го забележува тоа, но статистиката покажува дека во текот на еден натпревар судиската свирка може да се огласи близу 200 пати. Сето тоа зависи од противниците, нивниот квалитет и играта што ја демонстрираат. Има мечеви во кои влогот е голем и тогаш не се избираат средства како да се дојде до целта. Тогаш има и многу грубости и ситуации кога и самите играчи не знаат што е досудено.
– Денешниот ракомет е толку брз и полн со акции, а тоа нѐ тера нас судиите постојано да бидеме на штрек. Во една акција кога некој се пробива да бие кон противничкиот гол или се бара пивотменот на шесте метри, може да учествуваат по неколкумина ракометари. Во тие ситуации се создава вистинска мешаница, а ние судиите мора да бидеме секогаш концентрирани и доколку има прекршок правилно да пресудиме.

Верувајте дека во тие близу 200 прекини на играта може и да се згреши. Впрочем никој не е безгрешен, па така и ние судиите. Но битно е со тие одлуки да не оштетиме никого и тие грешки да не се реперкуираат на конечниот резултат. Затоа, често знам да кажам, а тоа го правам и на семинарите организирани од ЕХФ и од ИХФ, дека судијата не треба да биде најекспониран и да биде во центарот на вниманието. Напротив, од долгогодишното искуство добро знам дека судијата треба да биде речиси незабележителен, а играта без проблеми мирно да тече. Ако во текот на натпреварот нема некоја бурна реакција од гледалиштето, значи судиите добро ја завршиле работата – вели Драган.

ПОЧЕСТЕНИ ОД КРАЛСКИОТ ЗЕТ ИЊАКИ УРДАНГАРИН

Пред да ја завршам сторијата посветена на судиската кариера на Драган Начевски, која е исполнета со многу случувања, ќе одделам три пријатни работи, кои говорат оти како судија навистина бил ценет и респектиран.

Драган и Марјан беа почестени што добија лично покана од кралскиот зет Ињаки Урдангарин, кој беше познат ракометар и репрезентативец на Шпанија, со освоени две бронзи од олимпијадите во Атланта во 1996 година и во Сиднеј во 2000 година, тие да го судат неговиот проштален натпревар.
– Тоа ни причини големо задоволство и мене и на Марјан, зашто да те покани Урдангарин да судиш на неговиот последен меч беше голема чест. Не затоа што тој беше зет на кралот Хуан Карлос, туку поради фактот што навистина беше врвен ракометар, кој зад себе остави богата кариера. Натпреварот во кој Урдангарин ги одигра последните минути го судев без никаков притисок, не можам да опишам како се чувствував во тие моменти, тоа беше нешто прекрасно. На крајот заедно со славеникот и ние, како делители на правдата на неговиот последен меч добивме громогласен аплауз од публиката во Барселона. Втора работа, која, исто така, ми донесе големо задоволство беше судењето на дерби-мечот од македонското првенство помеѓу Пелистер и Металург. Натпреварот во Битола во 2005 година ми беше еден од последните во мојата кариера. Кога заврши средбата, домаќините дотрчаа кај мене и ме кренаа на раце. Си помислив и се прашав „ова да не е сон, битолчани ова да го сторат, бев зачуден“. Но тие самите ставија крај на моето чудење, кога ми рекоа: „Драгане, ти благодариме за сѐ. Во текот на кариерата се расправавме, некогаш не бевме пристојни и те навредувавме, ама верувај дека тоа беше повеќе од лутина кон нашите миленици кога поразени го напуштаа теренот. Инаку, навистина секогаш како судија беше коректен“ – вели тој.

Третата работа со која Драган се гордее е што неговиот син Ѓорѓи, не само што од млади години тргна по неговите стапки туку како судија во тандем со Николов и го надмина. Кон него сите гледаат со почит, не затоа што е син на Драган, туку дека навистина е добар судија. Впрочем, македонската двојка ја делеше правдата на многу значајни европски и светски првенства, а беше „главна“ и на олимпиското финале во Токио.

Ете, тоа беа најинтересните моменти од кариерата на македонската ракометна судиска легенда Драган Начевски. Тој е горд на сето она што постигна како судија, а ние сме горди на него што тој веќе 10 години е прв човек на Судиската организација на ЕХФ, позиција на која ќе остане до 2025 година. Нема сомнение дека тој највисоко котира на ранг-листата од сите наши функционери, кои се вклучени во меѓународните спортски организации.