Од ракометното минато (15)

  • Во 1956 година, скопскиот клуб имаше успешен настап на турнирите за шампион на поранешната држава и се пласира во првата тројка. Истата година имаше активност и во големиот ракомет, кој живуркаше, но, сепак, живееше

Кога се сумираат резултатите на РК Работнички, како водечки ракометен клуб во Македонија во годините по Втората светска војна, ќе се види дека скопјаните имале многу добри постигнувања. Иако материјално не биле обезбедени, сепак, големата желба да се успее и ентузијазмот придонеле клубот да бележи добри резултати. Во тие повоени години беше постигнат и голем успех со освојувањето на третото место во државата. Натпреварите за шампион на поранешна Југославија се одржаа преку настапи на два полуфинални и еден финален турнир. Полуфиналните турнири, кои се одиграле од 15 до 17 јуни 1956 година, биле составени од по четири екипи и во нив учествувале прваците на републиките и второпласираните од првенствата на Хрватска и на Србија. Работнички беше во групата во Белград заедно со Црвена звезда (првак на Србија), Партизан од Бјеловар (втор во Хрватска) и првакот на Црна Гора Партизан од Цетиње, кој, пак, поради некои организациски проблеми во последен момент го откажал учеството. Така, во конкуренција на три екипи Работнички беше втор со една победа над бјеловарчаните и еден пораз од белграѓаните. Овој пласман им обезбеди учество на финалниот турнир во Сараево на кој, според резултатите од двата полуфинални турнира, требаше да се судрат со екипите на Црвена звезда, Млада Босна од Сараево и Младост од Загреб.
Првата пречка неочекувано лесно беше помината и сега требаше да се кројат планови за финалните борби. Меѓутоа, и покрај позитивната атмосфера што беше создадена во Работнички, на површина избија некои проблеми. Имено, скопјаните немаа услови за подготовки, зашто немаа свој терен и тренинзите ги одржуваа во вториот дел на Градскиот парк, во кој имаше понекоја тревна површина на која горе-долу можеше да се импровизира некаков тренинг. Повремено, кога фудбалерите немаа тренинзи, се користеше и просторот покрај фудбалското игралиште на Работнички, на кој можеше да се постави само еден гол. Но снаодливиот Славко успеваше да ги испланира тренинзите според ситуацијата во која се наоѓаше клубот и не дозволуваше поради проблемот со теренот да опадне моралот кај играчите. Тренинзите се одвиваа нормално, иако на сите, а пред сѐ на спортските фактори во градот, им беше јасно оти вака не оди и за да се постигне врвен спортски резултат се потребни многу подобри услови. Но како и да е, Работнички немаше друг избор, а некако беше и навикнат постојано да се снаоѓа. Во книгата на Славко Матовски прочитав и еден фрагмент што многу ме изненади. Во текот на најжестоките подготовки за потребите на железницата, ракометарите биле ангажирани неколку дена да пренесуваат расходувани шини, кои требало да се продадат. Ова претставувало дополнителен напор за играчите, но барањето на спонзорот морало да се исполни. Така, уште уморени и истрошени од неочекуваниот ангажман, ракометарите отпатувале на финалниот турнир во Сараево.

Победа на стартот

По долгото патување со воз, овој пат, за среќа, во прва класа, по пристигнувањето во Сараево ги очекувало едно изненадување. Мислејќи оти сараевчаните ќе го организираат турнирот на највисоко ниво, сепак, уште на стартот киксирале. На железничката станица немало ниту еден претставник од организаторот РК Млада Босна, па така, раководството на скопскиот тим требало само да се снаоѓа. Во една таква ситуација, кога не знаеле каде и во кој интернат требало да престојуваат за време на турнирот, тие решиле да се сместат во хотел.
Утредента, кога веќе малку се поодмориле, играчите истрчале на теренот да го одиграат првиот натпревар. Според ждрепката, противник им бил тимот на Младост од Загреб, кој барем според мислењето на стручњаците бил благ фаворит. Но проработил и инаетот, па скопјаните вложувајќи ги сите сили одиграле еден навистина феноменален меч. Со победата со 17-9 им покажале на сите оти со нив нема шега.
Охрабрени по оваа победа „железничарите“ ги очекувале другите противници, иако и самите биле свесни оти ќе биде многу тешко. Особено стравувале од Црвена звезда, која во тоа време била доминантна на југословенските простори, а, исто така, со респект гледале и кон последниот противник во финалната група, домаќинот Млада Босна.
Она што сите го прогнозирале, тоа и се остварило. Црвена звезда, за разлика од Работнички, кој се подготвуваше во скопскиот парк, имала специјални подготовки за финалниот турнир. Белградскиот тим бил еден од најорганизираните во тоа време и не се судирал со оние проблеми што ги имаа скопјаните. Тие имале идеални услови за тренинг, имале свое игралиште, соблекувални и сѐ што треба да има еден тим со големи амбиции. Затоа, стравот кај Славко Матовски и кај неговите играчи бил поголем. Сите биле свесни оти тоа ќе биде тежок натпревар, во кој треба да се искористат сите потенцијали. И навистина било така. Звездашите од почетокот наметнале своја игра, мислејќи дека лесно ќе дојдат до победата. Но Работнички со организирана и борбена игра успевал да парира, па така, конечниот резултат и не бил толку страшен, пораз со 20-15. На овој натпревар највисока оценка од стручњаците, но и од новинарите, добиле Зафир Куновски и Драган Геровски, по 8,5. Со тоа покажале оти не случајно и двајцата се наоѓаат и на списокот на потенцијалните кандидати за состав на државната репрезентација.

Судиска неправда, осудена и од своите

Третиот и последен натпревар бил приказна за себе. Сараевскиот судија Кадиќ им дал очигледна поддршка на „своите“. Тој толку бил навивачки настроен, што во еден момент играчите на Работнички сакале да го напуштат теренот. Сепак, до тоа не дошло, најмногу по интервенцијата на Матовски и на водачот на екипата Миркуловски, кои биле свесни оти ако Работнички го напушти теренот, ќе биде санкциониран и ригорозно казнет. Двајцата стравувале дека тоа може да има далекосежни последици, па дури да дојде и до распаѓање на тимот. Така, во една затегната атмосфера, ни малку спортска, Млада Босна со помош на „својот“ судија Кадиќ дошла до победа со 23-20.
Меѓутоа, судијата „заборавил“ дека тука има и новинари, кои иако се од домашните гласила, сепак, нема да се брукаат и објективно ќе опишат што се случувало на теренот. И навистина, иако станувало за нивни тим, судењето на Кадиќ било нападнато и од сараевските новинари, за што сведочи и овој цитат од сараевскиот весник „Ослобоѓење“: „За жал, и овој пат мораме да почнеме со она со што, обично, извештаите завршуваат, за судењето на натпреварот. Судијата Кадиќ, овој пат, не беше на височина на задачата. Не може да се рече дека имал само слаб ден. Неговото судење одеше на штета на гостинската екипа, во толкава мера што не може да се окарактеризира како случаен превид, кој, секако, и на секој судија може да му се случи. Треба да се констатира и тоа, не поради тоа да се оправда грешката на Кадиќ (бидејќи вистина тој многу погреши), дека средбата по својот драматичен тек беше исклучително тешка за судење. Жалбата на Работнички на овој натпревар, секако, има свое место“.
Дел од овој цитат беше објавен и во „Нова Македонија“, за да може и целокупната македонска спортска јавност, не само ракометната, да биде информирана за судиската неправда што му беше нанесена на Работнички.
Скопјаните со победата над Младост, на стартот од турнирот, го освоија третото место и се пласираа зад Црвена звезда и Млада Босна. Од македонските спортски фактори, овој пласман беше оценет како убав успех и најава оти, доколку се формира Прва сојузна лига, тие ќе му помогнат на Работнички да се стабилизира за да може рамноправно да се носи со сите ривали. Подоцна се оствари тоа и скопјаните, иако веќе во следната година кога квалификациите се одржаа во Скопје не успеаја, сепак во 1958 година станаа прволигаши. Овој успех ги израдува сите спортски љубители, зашто покрај ФК Вардар, сега Македонија во РК Работнички доби уште еден претставник во најсилната лига во Југославија.
Преокупирани со сите овие настапи и настаните околу малиот ракомет, скопјаните, сепак, не го заборавија и големиот ракомет. Во оваа година дури имаа и два настапа. Иако Работнички веќе не беше член на Првата лига во голем ракомет, поради постигнувањата од минатите години беше поканет во Ниш, на натпревар со домашниот Железничар, и тоа во предигра на меѓудржавната средба Југославија – Швајцарија. Пред полни трибини, двете екипи демонстрирале добар ракомет, а на задоволство на гледачите, Железничар победил со 12-9. Вториот меч беше од меѓународен карактер. Како резултат на долгогодишната соработка со екипите од Западна Германија, во Скопје гостуваше прволигашот Висбаден, од истоимениот град. Натпреварот се одиграл во предигра на фудбалскиот меч помеѓу Работнички и Победа, пред повеќе илјади гледачи. Работнички, понесен од публиката, прикажал извонредна игра и остварил победа со 11-8. По овие две средби може да се констатира оти големиот ракомет, иако живуркал, сепак, сѐ уште живеел.