Сѐ што треба да направите е да верувате во себе, да верувате во тимот, да бидете посветени и да се борите докрај. Без калкулации и без потклекнување и предавање пред фаворитите, а со борба за секоја топка. РФМ цврсто стои зад вас и со безусловна поддршка, а само со едно барање – игра со срце на терен, изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, во своето обраќање пред сениорките и стручниот штаб. Поддршка за македонската репрезентација стигна и од репрезентативното десно крило Гоце Георгиевски и од таеквондистот Дејан Георгиевски, носител на сребрен медал од ЛОИ во Токио, кои ги посетија ракометарките на еден од тренинзите

До почетокот на Европското првенство (ЕП) за ракометарки во Словенија, Македонија и во Црна Гора, на кое ќе настапат 16 репрезентации, и првиот дуел на Македонките во Скопје против олимпискиот шампион и европски вицепрвак Франција остануваат уште неколку дена. Ракометарките под водство на селекторот Љубомир Савевски се во завршна фаза од подготовките во Скопје. Како што се приближува почетокот на ЕП, така се зголемува и подршката на македонските девојки пред големиот спортски настан. Македонија е во група со три силни селекции, Франција, Холандија и Романија.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги посети ракометарките и стручниот штаб и им даде подршка за она што ги очекува.
– Сѐ што треба да направите е да верувате во себе, да верувате во тимот, да бидете посветени и да се борите докрај. Без калкулации и без потклекнување и предавање пред фаворитите, а со борба за секоја топка. РФМ цврсто стои зад вас и со безусловна поддршка, а само со едно барање – игра со срце на терен – изјави претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, во своето обраќање пред сениорките и стручниот штаб.
Поддршка за македонската репрезентација стигна и од репрезентативното десно крило Гоце Георгиевски и од таеквондистот Дејан Георгиевски, носител на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, кои ги посетија ракометарките на еден од тренинзите. Ривалките на црвено-жолтите ја проверуваат својата форма пред почетокот на ЕП 2022, па првиот ривал на Македонија на ЕП (в сабота, од 18 часот), избраничките на селекторот на Франција, Оливие Крумболц, имаа контролен дуел, на кој убедливо ја совладаа Полска, со 30-19. Вториот противник на Македонките на ЕП, Холандија (7 ноември, 18 ч.), забележа и трет триумф во „Златната лига“, откако славеше над конкурентната Данска, со 26-25. Третиот противник, пак, Романија (9 ноември, 18 ч.), загуби на гостувањето од Унгарија, со 28-33. Македонија беше домаќин и на ЕП 2008, на кое го освои одличното седмо место. Г.И.


ЕП 2022, ПРВО КОЛО

ГРУПА А, ЉУБЉАНА
Унгарија – Швајцарија петок
Норвешка – Хрватска петок
ГРУПА Б, ЦЕЛЈЕ
Данска – Словенија петок
Шведска – Србија петок
ГРУПА Ц, СКОПЈЕ
Македонија – Франција сабота
Холандија – Романија сабота
ГРУПА Д, ПОДГОРИЦА
Црна Гора – Шпанија сабота
Полска – Германија сабота

НЕКОИ ПРИЈАТЕЛСКИ СРЕДБИ
Франција – Полска 30-19
Холандија – Данска 26-25
Тунис – Египет 27-24
Шпанија – Швајцарија 37-26
Шведска – Чешка 26-26
Норвешка – Бразил 27-22