Фото: ЕПА

Најнеизвесно е во групата четири, каде што дури три репрезентации имаа по четири бода по првото коло од главната рунда, а во третата и во четвртата група разликата од првата до четвртата селекција е два бода

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ

Ракометните дуели во главната група еден и два, кои беа на распоредот вчера, како и оние што се играат денеска во групите три и четири, можеа да ги дадат и првите четвртфиналисти на 29. Светско првенство (СП) што се игра во Хрватска, Данска и во Норвешка. Во главната група еден во Хернинг, најголеми шанси да го сторат тоа вчера имаа Германија и Данска, под услов ако забележеа победи на дуелите со Италија, односно со Швајцарија.
Репрезентациите со високи амбиции од главната група два, вчера играа клучни дуели во Вараждин (Хрватска). Франција како најуспешна репрезентација со шест златни медали имаше цел да остане непоразена и да го потврди пласманот во четврт-финалето. По завршените натпревари во првото коло од втората фаза, неизвесноста продолжува и во групите три и четири. Така, Португалија продолжува со одличните настапи и одигра нерешено (37-37) со, на хартија фаворизираната, Шведска, па сега има пет бода и е на чело во групата, а со тоа сѐ поблиску до четврт-финалето. Бразил забележа уште една победа, овој пат над Чиле (28-24) и е трет на табелата. За Швеѓаните ова е второ реми и имаат четири бода, но свои шанси имаат и Бразил, Шпанија и Норвешка, која ја победи Шпанија (25-24) и има два бода.
Од главната група четири, блиску до четврт-финалето и трката за еден од медалите е и селекцијата на Исланд, која со триумфот на мечот со Египет (27-24) изби на врвот со максимални шест бода, па ќе ѝ треба уште една триумф, од мечевите со Хрватска или со Аргентина. Хрватска славеше над репрезентацијата на Зелено’ртските Острови со 20 гола разлика (44-24), што е и нивна највисока победа на СП. Немаа проблеми ниту Словенците, кои лесно ја надиграа Аргентина (34-23). Во оваа група дури три репрезентации имаа по четири бода по првото коло од главната рунда.
Борбените и неизвесни дуели придонесоа неколку ракометари поради повреди предвреме да го напуштат СП или да бидат принудени да мируваат извесен период. Така, тоа го почувствуваа хрватските играчи, десниот бек Домагој Дувњак, централниот бек Лука Циндриќ и левото крило Давид Мандиќ, словенечкиот десен бек Нејц Цехте, како и норвешкиот централен бек Сандер Сагосен, чиј настап уште е доведен во прашање.

Најевтината влезница за вараждинската група во првиот круг, во која играа Македониja и Унгарија, чинеше 50 евра, а во Пореч, кој беше домаќин на Французите, 20 евра, а во сите градови најдобрите места беа по 70 евра, не сметајќи ги ВИП-седиштата, пишува хрватски „Индекс“. Во Данска цените на влезниците во првиот круг се движеа од околу 38 до 165 евра, во Норвешка влезница можеше да се купи за 30 евра, а најскапата беше 68 евра. Второто коло почна во вторникот, во Загреб, Вараждин, Хернинг и во Осло. Во Загреб билетите за втората фаза чинат од 40 до 90 евра, во Вараждин од 80 до 100 евра, пишува „Индекс“.
Еден од ретките ракометари што освои три титули на светските првенства, Романецот Корнел Отелеа, почина на 84-годишна возраст. Отелеа беше дел од репрезентациите што доминираа на овие натпреварувања во 1961, 1964 и во 1970 година, на тој начин станувајќи првиот ракометар со три светски титули во историјата на СП, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
На СП во 1959 и во 1967 година, Отелеа освои бронзени медали и е еден од ретките играчи во историјата што освоил вкупно пет медали на ракометните мундијали. Тој беше и член на романската екипа Стеауа, која го освои Купот на европските шампиони во 1968 година, натпреварување што го освои и откако се зафати со тренерската кариера во 1977 година. Како тренер, тој, исто така, ја предводеше машката репрезентацијата на Романија до нивниот последен медал на светските првенства, бронзен, во 1990 година, пишува ИХФ. Отелеа ја водеше и женската сениорска репрезентација на Романија на СП 2003, која го освои 10-то место. Г.И.


СП 2025, ГЛАВНА РУНДА

Група 1
Тунис – Чешка синоќа
Италија – Германија синоќа
Данска – Швајцарија синоќа
ТАБЕЛА
Данска 3 3 0 0 111-71 6
Германија 3 2 0 1 90-91 4
Италија 3 2 0 1 77-82 4
Швајцарија 3 1 1 1 83-74 3
Чешка 3 0 1 2 57-71 1
Тунис 3 0 0 3 72-101 0

Група 2
Македонија – Катар синоќа
Холандија – Франција синоќа
Унгарија – Австрија синоќа
ТАБЕЛА
Франција 3 3 0 0 109-76 6
Холандија 3 2 0 1 107-105 4
Унгарија 3 1 1 1 93-96 3
Австрија 3 1 1 1 84-90 3
Македонија 3 0 2 1 88-93 2
Катар 3 0 0 3 82-103 0

Група 3
Бразил – Чиле 28-24
Шведска – Португалија 37-37
Норвешка – Шпанија 25-24
ТАБЕЛА
Португалија 3 2 1 0 98-91 5
Шведска 3 1 2 0 108-96 4
Бразил 3 2 0 1 60-51 4
Шпанија 3 1 1 1 84-76 3
Норвешка 3 1 0 2 79-84 2
Чиле 3 0 0 3 101-25 0
Идно коло (денеска): Шпанија – Португалија (15.30 ч.), Шведска – Бразил (18 ч.), Чиле – Норвешка (20.30 ч.).

Група 4
Словенија – Аргентина 34-23
Зелено’ртски О. – Хрватска 24-44
Египет – Исланд 24-27
ТАБЕЛА
Исланд 3 3 0 0 84-63 6
Хрватска 3 2 0 1 101-70 4
Словенија 3 2 0 1 88-70 4
Египет 3 2 0 1 91-76 4
Аргентина 3 0 0 3 66-106 0
Зелено’ртски О. 3 0 0 3 114-45 0
Идно коло (денеска): Аргентина – Зелено’ртски О. (15.30 ч.), Египет – Словенија (18 ч.), Хрватска – Исланд (20.30 ч.).