Македонската ракометна репрезентација третпат ќе игра во Злин. Во 2014 година одигра нерешено 27-27, додека во 2016 година загуби со 22-28, во натпревари за пласман на СП
РАКОМЕТАРИТЕ ДЕНЕСКА ЗАМИНУВААТ ЗА ЗЛИН, НА ПРВИОТ МЕЧ СО ЧЕШКА ЗА ПЛАСМАН НА СП 2023
Македонската машка ракометна репрезентација предводена од селекторот и капитен Кирил Лазаров денеска попладне патува за чешкиот град Злин, каде што утре, со почеток во 19.15 часот, ќе го одиграат првиот бараж-меч против селекцијата на Чешка за пласман на Светското првенство (СП), кое во 2023 година ќе се одржи во Полска и во Шведска. Реваншот е закажан за в недела во Скопје, во СЦ „Борис Трајковски, во 19 часот. Како што е познато, во првиот бараж-двомеч за пласман на ова СП, Македонија ја елиминира Романија, некогашниот четирикратен светски првак, откако убедливо ја победи дома со 30-22, а минимално загуби на гости со 22-24 и се стекна со право да игра со Чешка.
– Првиот тренинг го одработивме некомплетни, без голем дел од играчите, кои сѐ уште имаа обврски во клубовите каде што настапуваат. Тоа беше лесен тренинг, чисто колку да ја одржуваме кондиција, но следните беа со засилено темпо и секако комплетни. Против Чешка, сигурно дека ќе биде тешко, посебно на гостувањето. Според мене, првиот натпревар во Злин ќе биде мошне значаен и ако таму оствариме добар резултат, сигурно дека ќе имаме и поголеми шанси за реваншот во Скопје. Секако дека не размислувам и не калкулирам каква разлика ќе ни одговара во Злин. Таму одиме да одиграме најдобро што можеме. Оптимист сум и се надевам дека ќе го продолжиме репрезентативниот континуитет на настапи на големите натпреварувања – ни изјави левото искусно репрезентативно крило Гоце Ојлески.
Македонската ракометна репрезентација третпат ќе игра во Злин. Во 2014 година, кога селектор беше Ивица Обрван, во натпревар од бараж-двомечот за пласман на СП во 2015 година, Македонија одигра нерешено 27-27. Вториот дуел во истиот град беше во 2016 година. Тогаш селектор беше Лино Червар, а Македонија во борбата за СП 2017, загуби со 22-28, но разликата во Скопје беше надмината и црвено-жолтите се пласираа на тој мундијал. Ако Македонија се пласира на СП 2023, тоа ќе биде нејзино осмо учество по настапите во 1999, 2009, 2013, 2015, 2017, 2019, 2021 година.
Влезниците за реваншот по симболични 100 денари
Влезниците за реванш-мечот со Чешка, кој ќе се одигра в недела (19 ч.), ќе бидат по симболична цена од 100 денари. Нивната продажба започна вчера напладне, онлајн, на интернет-страницата на МК тикетс (mktickеts.mk), а можат да се купат и на сите продажни места на МК тикетс низ државава, информираа од РФМ. Натпреварот Македонија-Чешка ќе се одигра во салата СЦ „Борис Трајковски“.