Првиот фаворит во групата, Норвешка, ги победи САД, Бразил и Португалија. Аргентина и Холандија загубија од селекции што македонската репрезентација ги совлада во баражите за пласман на ова СП, Романија, односно Чешка
Од ривалите на македонската ракометна репрезентација во групата Ф на претстојното Светското првенство во Полска и во Шведска (почнува утре), Норвешка беше убедлива, а Холандија и Аргентина забележаа променливи резултати во подготвителниот период.
Првиот фаворит во групата, Норвешка, победнички ги заврши подготовките за СП, откако 43 пати ја затресе мрежата на дуелот со САД, а прими 26 гола, на последниот натпревар на турнирот „Златна лига“, на кој организатори беа токму Норвежаните. Најпрецизен кај победничкиот состав беше Кристијан Бјорнсен со девет гола, а Томас Солстад и Себастијан Бартолд погодија по осум пати. Норвешка, предводена од селекторот Јонас Виле, претходно беше поуспешна и од репрезентациите на Бразил и на Португалија, па само потврди дека е во добра форма и со право го носи епитетот фаворит за челното место во групата што ќе се игра во полскиот град Краков. Избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров ќе ги одмерат силите со Норвешка во воведниот меч, в петок (18 часот).
Аргентина на турнирот во Шпанија го победи Бахреин со 31-27, а потоа загуби од Романија со 26-31 и убедливо од домаќинот со 20-31. Холандија, пак, предводена од селекторот Штафан Олсон, загуби од Чешка со 30-33, а претходно и од Франција со 32-43. Аргентина и Холандија на овие подготовки загубија од селекции што македонската репрезентација ги совлада во баражите за пласман на ова СП, Романија, односно Чешка.
Македонската репрезентација во подготвителниот период одигра четири натпревари, во Маврово се остварени победа (38-33) и пораз на дуелите со Црна Гора (30-31), на турнирот во Хрватска загуби од домаќинот (34-40) и го совлада Израел (38-37), а во меѓувреме одигра ревијално-хуманитарен меч со ракометните ветерани (25-21). На овие натпревари црвено-жолтите настапија некомплетни. Г.И.
СП 2023, ГРУПА Ф
Аргентина – Холандија петок, 18 ч.
Македонија – Норвешка петок, 20.30 ч.
Македонија – Холандија недела, 18 ч.
Норвешка – Аргентина недела, 20.30 ч.
Македонија – Аргентина 17.1, 18 ч.
Холандија – Норвешка 17.1, 20.30 ч.
ПРИЈАТЕЛСКИ ДУЕЛИ ПРЕД СП 2023
Македонија – Црна Гора 38-33
Македонија – Црна Гора 30-31
Македонија – Хрватска 34-40
Македонија – Израел 38-37
Холандија – Франција 32-43
Холандија – Чешка 30-33
Аргентина – Бахреин 31-27
Аргентина – Романија 26-31
Аргентина – Шпанија 20-31
Норвешка – Португалија 38-27
Норвешка – Бразил 30-23
Норвешка – САД 43-26