Фото: ЕПА

Мислам дека ја заслужуваме победата, но тешко е да се издвои една работа во која бевме подобри од нив, изјави за ЕХФ Тимоти Н’Гесан, левиот бек на Барселона, по рекордната 12-та европска титула за шпанскиот клуб

Ракометарите на Барселона се вратија на врвот на Европа, откако во своето 17-то финале ја освоија 12-та титула по триумфот во Лигата на шампионите (ЛШ). Во Келн, Шпанците го совладаа дански Алборг со 31-30 (15-15). Во динамичен и неизвесен натпревар, Микел Хансен не успеа да го реализира последниот удар за Алборг, погодувајќи ја гредата по истекот на времето и со тоа пропадна надежта за обезбедување продолжение.
– Сѐ се сведе на последната акција. Мислам дека ја заслужуваме победата, но тешко е да се издвои една работа во која бевме подобри од нив. Можеби ни помогна фактот што имавме полесно полуфинале – изјави за Европската ракометна федерација (ЕХФ) Тимоти Н’Гесан, левиот бек на Барселона.
Легендарниот дански лев бек Хансен можеби не ја одигра својата најдобра сезона, но во Келн тој докажа дека е ракометна легенда. Постигнувајќи осум гола и неколку клучни асистенции, тој го предводеше својот тим во текот на целото финале, но не успеа во последниот шут.

– Ќе се вратиме и ќе освоиме злато. Видовме колку сме добри, со многу млади играчи, а тоа дава уште поголема надеж за во иднина. Беше неверојатен натпревар, помеѓу два неверојатни клуба и само е лошо што сме на погрешната страна на подиумот – рече за ЕХФ Томас Арнолдсен, левиот бек на Алборг.
Барселона, која претходно европската титула ја освојуваше во 1991, 1996, 1997, 1998, 1999, 2000, 2005, 2011, 2015, 2021 и во 2022 година, во полуфиналето го совлада германски Кил со 30-18, а Алборг беше поуспешен од ланскиот шампион, бундеслигашот Магдебург со 28-26. Во мечот за третото место, Кил го победи Магдебург со 32-28. Десниот бек на Барселона, Мелвин Ричардсон, е прогласен за најкорисен играч (МВП), а пикерот на ПСЖ, Камил Сипжак, е најдобар стрелец (112 гола) во ЛШ. Финалето го судеа македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Г.И.


НАЈМНОГУ ТИТУЛИ

Барселона 12
Гумерсбах 5
Кил 4
Магдебург 4