Неделковски беше еден од ракометарите што остави печат во историјата на некогаш популарниот РК Југ од скопски Мичурин. Потоа кариерата ја продолжи како судија каде што се истакна не само на домашната туку и на светската сцена. Беше еден од креаторите на шампионскиот тим на Кометал Ѓорче Петров, а ракометниот век го заврши како делегат и контролор на меѓународната сцена

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (226)

Кога седнав да напишам нешто за Неделко Неделковски, со кој другарував од училишните денови, да бидам искрен не знаев со кој детаљ од неговата ракометна кариера да почнам. Сепак, се решив, како што вообичаено го правам тоа и со другите спортски легенди, да почнам со опишувањето на неговите почетоци, а потоа да продолжам со вториот и третиот дел од неговата ракометна приказна. Не случајно спомнав втор и трет дел, зашто навистина беше така. Неделко почна како активен ракометар, продолжи како меѓународен судија, делегат и контролор, а кариерата ја заврши како функционер ентузијаст. Ова последново дека навистина беше ентузијаст го потврдуваат повеќе факти, но еден е најсилен, оној што го кажа кога почна да игра ракомет.
– Никој од нас на почетокот од 60-тите години, кога почнав и јас активно да се занимавам со ракометот, не помислуваше од тој спорт да профитира. Сите доаѓавме од љубов и со единствена желба да се дружиме и така, низ еден здрав живот, да ги минуваме младешките години. Дури многу подоцна ракометот стана профитабилен и многумина преку него ја бараа егзистенцијата. Тој не беше како фудбалот, за кој дури и птиците на гранките знаеја дека тука има пари и ако си квалитетен играч, навистина може да се профитира. Но во ракометот не беше таков случајот. Сите доаѓавме навистина од љубов кон овој спорт, кој кај нас беше во зачеток, па можеби и поради тоа за нас младите беше интересен – ја почнува својата приказна Неделко Неделковски.

ОД УЧИЛИШНИОТ ДВОР ВО СОКОЛААНА

Во времето кога ракометот ги бележеше своите почетоци, за разлика од фудбалот, кој децата го играа и на улица, а со два камена ги означуваа головите, места за ракометно надигрување беа училишните дворови.
– Не баравме некои посебни услови, не ни пречеше ако игравме и на земја, битно беше да се обележени шесте метри и да има голови. Така беше, барем времето кога јас почнав да играм ракомет во ОУ „Владимир Назор“ во населбата Пролет во Скопје. Имав среќа што професор по физичко ми беше Вангел Коловски, кој од сите спортови приоритет му даваше на ракометот. Тој нѐ собра неколкумина и редовно почна да нѐ тренира и подготвува за меѓуучилишните натпревари. Благодарејќи токму на големиот ентузијазам на професорот, набрзо во училишниот двор имаше и ракометно игралиште, а во непосредна близина меѓу зградите во Пролет никна уште еден асфалтиран терен со прописните димензии. Тоа беше повод, во населбата да се формира и РК Пролет – вели Неделко.
Меѓутоа, она вистинско навлегување во тренажниот процес беше откако Неделковски дојде во гимназијата „Цветан Димов“, во чија близина беше популарната Соколаана или Партизан 1.
– Во дворот од Соколаана имаше по едно одбојкарско и ракометно игралиште од црвеница како што ја нарекувавме, зашто имаше црвеникава боја. Тука, под водството на одговорниот за организација на активностите во Партизан 1, популарниот Раица, се формира и ракометен клуб. Всушност, тука беа моите први вистински тренинзи под водството на легендарниот Миле Кратовалиев. Се создаде една екипа, во која беа Ламбевски, Каратошев, браќата Паневи, Трајковски, Михајлов, Тримпарев, Панков и подоцнежната ѕвезда на македонскиот ракомет, кој остави белег како играч, тренер и селектор – Славе Атанасовски-Чаве. Кратовалиев вкомпонира една цврста екипа, која беше вклучена и во системот на натпреварите. Се сеќавам, најжестоки ни беа дуелите со Партизан 7, кој егзистираше во рамките на гимназијата „Јосип Броз-Тито“, каде што тренер беше познатиот педагог Петар Пепо Алексовски – продолжи Неделко.

СО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ТРЕТИ ВО ЈУГОСЛАВИЈА

Ова беше време кога во поранешната држава се одржуваа натпревари во повеќе спортови во кои учествуваа репрезентациите на републиките и на покраините. Таков беше случајот и со ракометот, во кој, пак, македонските избраници постигнуваа добри резултати, а често беа и на пиедесталот.
– Се сеќавам на Купот на републиките и покраините, што се одржа во 1962 година во Охрид. Селектор на нашата репрезентација беше, исто така, една легенда, Зафир Куновски. Тој имаше најдобар увид на скопските екипи, па затоа и најмногу играчи имаше од двата Партизана, 1 и 7, но имаше ракометари и од внатрешноста. Се сеќавам, во репрезентацијата беа гевгеличанецот Линков и охриѓанецот Филев. Во составот, во кој бев и јас, настапуваа уште Панев, Трајковски, Михајлов, Наумовски, Караџиќ, Хаџиандоновиќ, Гоцевски, Ламбевски, а на голот беше Мајснер. Одигравме одлично и на крајот бевме трети, а доколку судијата Валчиќ во полуфиналето со Хрватска не нѐ оштетеше можевме да бидеме и втори. Овој натпревар ја разлути публиката, која ја имаше исполнето трибината на ракометниот стадион во центарот на градот, спроти хотелот „Палас“, па ракометарите на Хрватска и судиите требаше да почекаат тензијата да помине, па дури потоа да го напуштат теренот. Меѓутоа, и тука не беше крајот, револтот продолжи и долго време пред „Палас“ навивачите извикуваа погрдни зборови кон судиите. Никогаш нема да го заборавам ова, па и подоцна кога станав судија често ми се повторуваше таа слика, која практично ме опоменуваше да внимавам и да бидам коректен кон двата ривала на теренот. Потоа настапив и на следниот Куп, идната година, но составот беше значително изменет, а го немаше ниту оној охридски „вулкан“ од громогласна поддршка од трибините – вели Неделко.

КАКО ЈУГ – НЕМА ДРУГ

Во меѓувреме, клупската кариера на Неделковски си течеше нормално, со таа разлика што повеќе не настапуваше за Партизан 1, туку во екипата на Југ.
– Во тоа време Југ беше многу популарен и силен клуб. Интересно е дека од Пролет, кој практично беше мојот прв клуб, ги делеше железничката пруга. Можеби таа близина беше решавачка да поминам во Југ, кој беше организиран и со големи амбиции настапуваше во македонската лига. Некако овој клуб набрзина се вивна во врвот и беше многу привлечен за гледачите. А што се однесува до играчите, постарите љубители на ракометот убаво се сеќаваат на Божаров, Билимов. Казиовски, Петлицаров, Георгиев, Ајтов, Дишлиев. Тоа беше една „страшна“ екипа, која беше способна рамноправно да се носи со секој противник – вели Неделковски, кој повеќе од десетина години ги бранеше боите на клубот од скопски Мичурин.
По повеќе од 15 години активно играње, во 1977 година Неделковски решава да стави крај на играчката кариера. Но тоа не беше разделба со ракометот, туку напротив, допрва дојдоа годините во кои тој како судија и делегат доживеа голема афирмација.
– По наговор на мојот професор од гимназијата, Христо Димов, кој беше сојузен ракометен судија, и јас поминав во судиската фела. Ице како да почувствува дека во мене се крие нешто и еден ден ме повика и ми рече да се запишам за семинарот за судии. Го послушав и така почна мојот ракометен век како судија, а потоа и како делегат и контролор на ЕХФ и на ИХФ – вели тој.
За сите подоцнежни случувања во кариерата на Неделковски ќе читате идната недела. Ќе има интересни доживувања, а ќе раскажува и за времето кога се создаваше оној женскиот шампионски тим на Кометал Ѓорче Петров, во кој беше генерален секретар, а потоа и директор.


НЕДЕЛКО НЕДЕЛКОВСКИ

Роден: во 1945 година во Скопје
Кариера: РК Пролет, РК Југ, младинска репрезентација на Македонија, меѓународен судија, делегат и контролор
Успеси: со Југ секогаш во врвот на МРЛ, трето место со младинската репрезентација на Македонија на Купот на републиките и покраините
Функционер: четири години претседател на Здружението на судиите и контролорите на РСЈ, 11 години делегат и контролор на ЕХФ и на ИХФ, судија на една Балканијада, генерален секретар и директор на ЖРК Кометал Ѓорче Петров, еден период генерален секретар на РФМ