На важни играчи не може да сметаат репрезентациите на Полска, Франција, Шпанија, Египет, Унгарија, Бразил, Хрватска, Исланд, Шведска…
РАКОМЕТ
Светското првенство (СП) во ракомет ќе почне со дуелот помеѓу кодомаќинот Полска (првенството се игра и во Шведска) и најтрофејната со златни медали (шест), репрезентацијата на Франција, кој ќе се игра во арената „Сподек“ во Катовице. И на селекциите на Полска и на Франција ќе им недостигаат играчи, поради повреди добиени во претходните месеци. Но на клучни играчи не може да сметаат и репрезентациите на Египет, Бразил, Хрватска, Исланд…, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) на својата интернет-страница.
ФРАНЦИЈА БЕЗ ЧЕТВОРИЦА ГЛАВНИ ИГРАЧИ
На Франција ќе ѝ недостигаат двајца олимписки шампиони од Летните олимписки игри (ЛОИ) и во Токио лани, бидејќи левиот бек Тимоти Н’Гесан и левото крило Иго Дескат се повредени.
Дескат, кој е еден од најсигурните изведувачи на ударите од седум метри и кој беше прогласен за најдобро лево крило на Летните олимписки игри во Токио, доби повреда на коленото во декември лани и ќе биде надвор од терените најмалку два месеца.
Н’Гесан, играчот на Барселона, има фрактура на прстот од дуелот со Нант во декември, а ќе го пропушти настанот со шестнеделена пауза. Франција не може да смета ниту на специјалистот во одбраната Карл Конан и левиот бек Килијан Вилемино, и двајцата со повреди од зимава.
ПОЛСКА БЕЗ ШИРЖАК, КРИЛАТА НА ШПАНИЈА СО ПОСЛАБА МОЌ
Амбициите на Полска на Светското првенство, на кое е кодомаќин, дефинитивно се високи. Сепак, Полска доби огромен удар кога пикерот Камил Шипжак се повреди на последниот натпревар што неговиот клуб ПСЖ го одигра во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава и поради тоа ќе го пропушти Светското првенство. Ова е втор последователен мундијал што Шипжак ќе го пропушти поради повреда. Тој е најдобар стрелец на Лигата на шампионите сезонава со 71 погодок.
Ракометните крила на Шпанија отсекогаш биле клучни за успехот на репрезентацијата во минатото, но овој пат ќе недостигаат двајца играчи, десното и левото крило, откако ракометарите на Барселона, Алеиш Гомез и Аитор Арињо, не можат да им се придружат на своите соиграчи на претстојното Светско првенство. Гомез, кој беше извонреден и на клупско ниво и во својата репрезентација, е на третман за на Ахиловата тетива, а Арињо има повреда на коленото.
ХРВАТСКА ЌЕ ИГРА БЕЗ ПЕТМИНА
Хрватска е најпогодената репрезентација со повредени играчи. Две повреди дојдоа по неколкуте пријателски натпревари кон крајот на декември 2022 година. Прво, искусното десно крило Иван Чупиќ, а потоа и средниот бек Тин Лучин, кој има проблеми со рамото. Двете нови отсуства се дополнуваат на долгата листа со која треба да се справи тренерот Хрвоје Хорват, оти недостигаат и левите бекови Халил Јагањац и Марко Мамиќ и централниот бек Домагој Павловиќ, пишува ИХФ. Вкупно, Хрватска ќе игра без четворица играчи во одбраната и нивното водечко десно крило.
ЕГИПЕТ, ИСЛАНД, УНГАРИЈА, БРАЗИЛ, ШВЕДСКА…
Хендикеп за Египет ќе биде отсуството на десниот бек Јахиа Омар, кој ги скина лигаментите за време на натпревар на неговиот клуб Веспрем против Висла во декември 2022 година. Друг играч што ќе недостига на Светското првенство е бразилскиот лев бек Ханиел Лангаро, кој се повреда на крајот на сезоната на истиот натпревар, на кој се повреди Н’Гесан. Лангаро ја скина Ахиловата тетива и ќе биде надвор од терените најмалку шест месеци. На Исланд ќе му недостига централниот бек Хаукур Трастарсон, кој ги скина лигаментите за време на меч во ЛШ. Унгарија, пак, не може да се потпре на десниот бек Доминик Мате, оти ѕвездата на ПСЖ закрепнува од повредата на коленото. Ѕвездата во подем Карл Валиниус, кој минатата година импресионира во Лигата на шампионите со 26 гола, играјќи за германски Кил, исто така, е потврдено дека ќе отсуствува од Светското првенство годинава, а беше дел од репрезентацијата што го освои златниот медал од Европското првенство во 2022 година, пишува ИХФ. На негово место ќе дојде Оле Форсел Шефверт (29), кој ќе дебитира за Шведска. Г.И.