Голманот Никола Митревски ќе биде во составот на Македонија на вечерашниот меч против Црна Гора во рамки на второто коло од Европското првенство, откако вчера ѝ се приклучи на ракометната репрезентација по два негативни теста за ковид-19. Митревски го пропушти првиот дуелот со Словенија (25-27).
Селекторот Кирил Лазаров го пријави Митревски за денешниот натпревар, на кој во голманската линија ќе ги има на располагање и Мартин Томовски и Градимир Чаневски.
Црногорскиот селектор, Зоран Рогановиќ, пак, нема да ги предводи неговите избраници против Македонија. Тој остана во Црна Гора откако беше позитивен на коронавирус пред почетокот на ЕП, следејќи го првиот натпревар против Данска од својот дом. Во улога на селектор беше спортскиот директор на црногорската селекција Драшко Мрваљевиќ.
Во меѓувреме Рогановиќ добил негативен тест и пристигна во Дебрецин. Но последното задолжително тестирње покажало дека тој е позитивен на коронавирус. Дуелот со Македонија, наместо од теренот, Рогановиќ ќе го следи од хотелската соба.