Македонската ракометна репрезентација не успеа да се закити со бронзен медал на Медитеранските игри во Оран, Алжир. Попладнево избраниците на селекторот Кирил Лазаров загубија од селекцијата на Србија со 29-34.
Македонските ракометари добро го почнаа натпреварот и веќе во 15. минута имаа водство со 9-6. Следуваа минути на Србите кои најпрво го изедначија резултатот (10-10) во 22. минута, а до крајот на полувремето направија и разлика од два гола (15-13).
Како што одминуваа минутите во вториот дел, така растеше и предноста на Србите кои во 45. минута имаа плус пет (26-21), а во 50. највисоки плус седум (30-23), доволно за сигурен триумф и за 3-то место.
Во финалето кое ќе почне во 17.30 часот ќе играат Шпанија и Египет.