Од четирите новоформирани групи меѓу кои е и Македонија, само најдобрите две репрезентации ќе се пласираат во посакуваното четврт-финале, додека селекциите што ќе завршат на третото и четвртото место во своите групи ќе разигруваат за пласман од деветтата до 16-та позиција
РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ
Машката кадетска ракометна репрезентација на Македонија (до 19 години) по победата над селекцијата на Грузија со 27-21 во третиот натпревар од групата Ф обезбеди пласман во главната фаза на Светското првенство (СП), кое се игра во Хрватска. Одлична партија во салата „Замет“ во Риека од македонските ракометари прикажа голманот Иван Галевски, кој на крајот и беше прогласен за најкорисен играч, односно МВП на натпреварот со 11 успешни интервенции, додека, пак, на претходниот дуел со Црна Гора ова признание го доби голманот Давид Брестовац.
Избраниците на селекторот Раде Стојановиќ ќе ја започнат битката за четврт-финалето денеска, сместени во групата три, но без пренесени бодови од претходната фаза, оти селекциите на Црна Гора и Грузија, кои загубија од Македонија, не обезбедија понатамошен пласман. Како што е познато, првите две репрезентации од вкупно осумте групи обезбедија пласман во главната рунда, а другите две селекции од групите, пак, ќе играат во т.н. Президент-куп.
За ривали во следниот круг, македонските надежи силите ќе ги одмерат со Данска (денеска, 17.30 ч.) и со Австрија (утре, 17.30 ч.), силни селекции што го освоија првото, односно второто место во групата Е, со која сега вкрстуваат црвено-жолтите.
Македонија во првата фаза ги совлада Црна Гора (29-20) и Грузија (27-21), а минимално загуби од Норвешка (25-27), со вкупно постигнати 81, а примени 68 гола, односно позитива од 13 погодоци. Во фазата по групи, пак, најдобра гол-разлика (плус 70) имаше Хрватска (група А), а најлоша (минус 117) Нов Зеланд (група Б).
Првопласираниот од групата Ф, фаворизираната селекција на Норвешка во последното коло ја декласира Црна Гора со 41-22 и пренесе два бода во втората фаза, обезбедени по триумфот над Македонија. Со два бода ќе продолжи и денешниот ривал на Македонија, силната Данска, откако ја совлада Австрија (43-28), а беше подобра и од Чиле (32-21) и Мексико (49-21).
Како што е познато, од четирите новоформирани групи, само најдобрите две репрезентации ќе се пласираат во посакуваното четврт-финале, додека селекциите што ќе завршат на третото и четвртото место во своите групи ќе разигруваат за пласман од деветтата до 16-та позиција.
Бранител на титулата е селекцијата на Египет, која на СП во Македонија одржано во 2019 година во финалето ја совлада Германија со 32-28, додека трета беше Данска, која, пак, славеше над Португалија со 35-27. Македонија тогаш го освои 13-то место од вкупно 24 репрезентации. Во 2021 година поради ковид-19, СП во Грција не се одржа. Г.И.
Репрезентации што обезбедија пласман во втората фаза
На СП во Хрватска (настапуваат 32 репрезентации), освен во Риека, натпревари се играат и во Вараждин, Копривница и во Опатија. Пласман меѓу најдобрите 16 обезбедија: Хрватска и Португалија (група А), Унгарија и Словенија (Б), Египет и Чешка (Ц), Шпанија и Бразил (Д), Данска и Австрија (Е), Норвешка и Македонија (Ф), Германија и Саудиска Арабија (Г), Иран и Фарски Острови (Х).
Табела, група Ф
Норвешка 3 3 0 0 106-71 6
Македонија 3 2 0 1 81-68 4
Црна Гора 3 1 0 2 75-89 2
Грузија 3 0 0 3 64-99 0