Македонскиот ракомет како светла точка на „полето на натпревар меѓу народите“

Македонија има убава можност да продолжи понатаму во ракометна Европа, со четири претставници во машка и еден во женска конкуренција. Бројка на која можат да ѝ позавидат и многу поразвиени земји, бројка за респект… Ете го тој порив кај мене да се глорифицира сѐ што е македонско, по малку и да се претерува, во период кога ракометот повторно е светла точка во „натпревар на народите“ и во ситуација кога со години и децении не гледаме дека се случува нешто убаво и квалитетно
Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“

ГРК Охрид и РК Алкалоид со убедливи победи ја почнаа европската ракометна сезона

Победнички викенд на македонските ракометни претставници во Европа. Во исто време, на две ракометни локации, екипи, кај кои клупските бои даваат доверба, сигурност и сила направија позитивен резултат по првите натпревари од Европскиот куп на ЕХФ. За жал, во склоп на околности, слично како во вторникот, кога Вардар беше поразен во Германија, македонската јавност (барем онаа што не беше во „Билјанини“ и во „Автокоманда“), особено децата, оние најмладите, остана без директни преноси од натпреварите. Ситуација што (ќе) има далекосежни последици во однос на присутност на македонските екипи на ТВ (преку глава ни е од Манчестер, Јувентус и Реал), кревање на интересот за ракометот како спорт и создавање спортски идоли кај најмалата генерација Македонци, од кои дел треба да влезат во сала и во иднина да го носат дресот со националните обележја.
Нејсе…

ЛАЗАРОВ КАКО НОСТРАДАМУС, ВО УЛОГА НА ПАТАЛЕЦ, ГО ПРЕДВИДЕ ТЕКОТ НА НАТПРЕВАРОТ

Да почнеме од натпреварот што го следев во живо, во скопска Автокоманда. Тргнав со време за да избегнам метеж при паркирање и влез во салата, ама и да го посетам Џеко (кој одамна не е резидент во слаткарницата на „дијамантот“), како редовна „терапија“ пред секој важен натпревар на Мета… Алкалоид во Автокоманда. На мое изненадување, населбата ги немаше тој набој и раздвиженост, како што беше тоа пред еден месец против „двократниот“ или како што (веројатно) ќе биде во вторник против битолчани. Можеби и очекувано, кога ќе размисли човек. Калипеда Драгунас од Литванија е тотална непознаница, екипа што ја „прежали“ ракометната јавност, однапред ја осуди на неуспех во двобојот со нашиот Алкалоид. Гледајќи го конечниот резултат, човек ќе помисли и дека не е далеку од вистината, но впечатокот за противникот е различен доколку сте го следеле натпреварот.
„Литванците не се ни малку наивен противник, екипа што донесе стручњак од земјата што моментно владее со светскиот ракомет, систем што преферира брз ракомет, со играчи што играат на гол повеќе, очекувам тежок дуел, особено што јавноста веќе нѐ виде во следната рунда и очекувам моите играчи во почетокот на мечот да бидат во грч и нема да не го прикажат тоа што се очекува од нив и од нас како колектив. Јавноста ќе види за око убав натпревар со многу погодоци“, како парафраза на излагањето на Лазаров на прес-конференција пред мечот, во улога на Нострадамус, кој не гледа на гравче туку како паталец, со стотици натпревари во рацете, кристално јасно ја отслика ситуацијата.

БРЗА ИГРА, МНОГУ ПОГОДОЦИ ОД ТРАНЗИЦИЈА, ПОДОЛГА КЛУПА НА ДОМАЌИНОТ

Дури 73 погодоци, брза игра, транзиција и игра на погодок повеќе. Така изгледаше натпреварот на две екипи, кои, без разлика на резултатот, гледаа напред и се обидуваа да постигнат што е можно повеќе лесни погодоци.
Двајцата тренери почнаа со дијаметрално различни одбранбени формации. Лазаров, стандардно, со зона 6-0 и еден од „милениците“ во истата таа на чувствителна позиција, како рак-рана и проблем во најава на почетокот на натпреварот. Неговиот колега на другата страна, со длабока 3-2-1, како изненадување на одреден период, како дестабилизација, знаејќи дека тимот од млади играчи во улога на домаќин е најчувствителен на самиот старт. Тргајќи ги голманите настрана, имајќи предвид дека и двајцата имаа добар старт, во првите 10-12 минути „змаевите“ играа егал, па дури и два-три пати го диктираа резултатот и натпреварот. Сето тоа поради успешноста на зоната на противникот (која Лазаров ја разбиваше со влез на десен бек на втор пивот), која единствено пукаше кај високиот Стојковиќ и генерално примаше голови од брз центар или од директна контра каде што реализираше Бинго, па и Костески. На другата страна, плитка 6-0 во која искусниот стружанец паѓаше на неколку наврати и оставаше простор за создавање играч повеќе на крило или пивот. Сѐ до 19-та минута, кога клупата го замени истиот тој со младиот Карасманакис, како партнер на, во саботата одбранбено солидниот Младеновиќ. Покрај оваа измена, Лазаров исклучително многу ротираше, внесуваше свежа крв во екипата, која наметна, но и како одговор доби ритам на натпревар, на врвно ниво. Ритам што гостите не го издржаа, почнаа да прават технички грешки, но и сѐ потешко реализираа шутеви од надвор.

АЛКАЛОИД, СО ОГРОМНА РОТАЦИЈА И ВИСОК РИТАМ, ЌЕ БИДЕ РАВЕНКА СО ДОСТА НЕПОЗНАТИ ЗА СЕКОЈ СЛЕДЕН ПРОТИВНИК

Алкалоид со Галец на голот, кој одбрани многу тешки удари, но и прими голови што не требаше, со преодна оцена, постави плитка и висока зона 6-0, која имаше проблеми со цртата на средината на зоната. Доминираше во дуел-играта, особено во вториот дел, кога противникот загуби здив. Смени тактика на длабоката зона на противникот и наместо играч на втор, напаѓаше простор и трпеливо чекаше да се создаде дупка во зоната. Демонстрира исклучително високо ниво на игра „ран-енд-ган“, користејќи, небаре, комплетен ростер од играчи, ниво на игра што во иднина ретко кој ќе може да го следи.
Благодарение на тимската игра, во која тешко може да се издвои поединец (освен ако не следите површно ракомет и гледате статистика), Алкалоид (ќе) претставува тврд орев за кој било во иднина и равенка со доста непознати за тренерите што ќе треба да состават противигра. Калипеда се прикажа во добро светло и беше достоен противник, но, според мене, ја погреши екипата со која сакаше да се наттрчува и со „оружје“ на Алкалоид да дојде до позитивен резултат во Македонија. Сега е веќе доцна за стапнување на топка и игра што ќе ги нервира „сините“ од Автокоманда, имајќи предвид дека треба да се брка двоцифрена разлика. На здравје!

РАКОМЕТЕН ОХРИД „ОТИДЕ“ СКАЛИЛО ПОГОРЕ, ОД СЕКОЈ АСПЕКТ

Ракометен Охрид, на чело со „таткото на Градот“, врз основа на она што го видовме дигитално во изминатите денови, организациски порасна, како природен сплет на работите, кога една екипа учествува во натпреварување во Европа. Салата „Билјанини“ светна, охриѓани имаа можност да видат на терен (а и на трибина) кој го помага клубот и кој донесе европски ракомет во градот со скромна ракометна традиција. Должно за почит и за признание. Спортски немавме можност да видиме што се случувало на терен, но го следевме резултатот, кој покажуваше дека Охрид диктира темпо, константно води и од минута на минута ја зголемува разликата, пред реваншот во Романија. „Стариот“ најавува надигрување и победа и на вториот натпревар, свесен дека плус шест не е разлика што треба да се брани во ракометот. Тоа многупати се покажало погрешно.
Среќно и со успех на двата тима на реваншите во Романија и во Литванија.
Македонија има убава можност да продолжи понатаму во ракометна Европа, со четири претставници во машка и еден во женска конкуренција. Бројка на која можат да ѝ позавидат и многу поразвиени земји, бројка за респект.
Ете го тој порив кај мене да се глорифицира сѐ што е македонско, по малку и да се претерува, во период кога ракометот повторно е светла точка во „натпревар на народите“ и во ситуација кога со години и децении не гледаме дека се случува нешто убаво и квалитетно околу нас.
П.С. Веќе утре шампионот доаѓа во Автокоманда. Да го спушти на земја тимот на Кралот или да најави нова ера во македонскиот ракомет.
Ќе видиме.

Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“