ПО ОСВОЈУВАЊЕТО НА ПРВОТО МЕСТО ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ
- ЕП 2026 ќе се игра во Белград, а ќе настапат 24 кадетски селекции
Машката репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години ќе игра на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, во Србија, откако го освои првото место во квалификациската група, со победата во третото коло, на дуелот со домаќинот на турнирот, Луксембург, со 25-17. Од таа група на ЕП 2026, покрај Македонија, се пласира и Финска, која имаше иста гол-разлика со третопласираната Грција, но еден постигнат гол повеќе.
ЕП 2026 ќе се игра во Белград (од 29 јули до 9 август), а вторпат на ЕП ќе настапат 24 кадетски селекции. Македонија ќе ги дознае ривалите на ова континентално првенство во почетокот на идната година. На ЕП 2026 се пласираа Македонија, Чешка, Финска, Израел, Италија, Црна Гора, Полска, Швајцарија, Словачка и Турција преку квалификациите, како и Србија, Хрватска, Данска, Шпанија, Германија, Унгарија, Исланд, Португалија, Шведска, Австрија, Фарските Острови, Франција, Словенија и Норвешка, кои добија директно место на шампионатот.
За македонска репрезентација до 18 години ова ќе биде втор настап во низа на ЕП, по тој во 2024 година. Младинските репрезентации на Македонија четврта година по ред ќе учествуваат на големи турнири, откако во 2023 година селекцијата до 19 години играше на Светското првенство (СП), лани на континенталните шампионати настапија репрезентациите до 18 и до 20 години, а годинава селекцијата до 21 година играше на планетарното првенство.
На дуелот со Луксембург најпрецизен во македонските редови беше десниот бек Бобан Поповски со шест гола, а го следеа левото крило Стефан Ѓеоргиески со пет погодока, пикерот Кристијан Вујичевски и левиот бек Петар Николоски со по четири… Избраниците на македонскиот селектор Горан Кузмановски со таа победа го освоија првото место во својата група со четири бода, колку што имаа и Финска и Грција, но црвено-жолтите имаа најдобар меѓусебен скор. Во вториот натпревар на овој турнир Македонија загуби од Грција со 31-32, а во првиот дуел ја надигра Финска со 36-29. Г.И.


































