Фото: Маја Јаневска-Илиева

ДЕНЕСКА РЕВАНШ СО УКРАИНА ЗА ПЛАСМАН НА РАКОМЕТНИОТ МУНДИЈАЛ ГОДИНАВА

Македонската женска ракометна репрезентација денеска на неутрален терен во унгарскиот град Кишварда (од 17 часот) треба да го одигра реванш-дуелот со Украина, за пласман на Светското првенство (СП), во декември, во Норвешка, Данска и во Шведска. Македонките ќе се обидат да ја анулираат негативата од два гола, по поразот во Скопје (22-24), во саботата. Двата гола, сепак, се надоместлива разлика.
– Се надевам дека на реваншот ќе бидеме подобри, оти разликата во квалитетот не е голема. Во вториот дел во Скопје одигравме подобро. Ако се поправиме, можеме позитивно да изненадиме во вториот меч – вели селекторот Љубомир Савевски.
Македонија досега пет пати настапи на СП, последен пат во 2007 година (12-то место), а најдобриот пласман го оствари во 1997 година, на седмото место. Украина седум пати досега била дел од мундијалите, најдобриот пласман ѝ е четвртото место во 2003 година, а последен пат настапи пред 14 години и ја освои 17-та позиција. Г.И.