Фото: „Нова Македонија“

Годинашното континентално првенство означува историска пресвртница во развојот на шампионатот, бидејќи првпат ќе настапат 24 репрезентации. Македонија е во групата А, заедно со Унгарија (дуелот е вечерва од 19.30 часот), Полска (утре, од 14.30 ч.) и со Чешка (в сабота, од 14.30 ч.)

КОНТИНЕНТАЛНО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРКИ ДО 19 ГОДИНИ

Ѕвездите во подем ќе се соберат во Подгорица (Црна Гора) од денеска до 20 јули, за да се натпреваруваат за титулата на Европското првенство (ЕП) за ракометарки до 19 години. Македонија е во групата А, во која денеска во првото коло ќе игра со Унгарија (од 19.30 часот), потоа утре ќе се сретне со Полска (14.30 ч.), а в сабота со Чешка (14.30 ч.).
Годинашното ЕП 2025 означува историска пресвртница во развојот на првенството, бидејќи првпат 24 репрезентации ќе го почнат патувањето кон европскиот трофеј, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Досега на ЕП настапуваа по 16 селекции. Шампионатот почнува со четири интензивни дена натпревари во прелиминарната рунда, при што репрезентациите ќе се стремат да соберат што е можно повеќе бодови за место меѓу првите две во секоја група, што гарантира настап во главната рунда, пишува ЕХФ.
Унгарија доминираше во натпреварувањето до 19 години во изминатите години, со три последователни титули, во 2019, 2021 и во 2023 година. Данска беше единствената репрезентација што се искачи на подиумот на ЕП до 17 и до 19 години пред две години, во двата случаја освојувајќи сребро. Данска, која е најтрофејна во оваа категорија, со четири титули, е во групата Б заедно со Црна Гора, Исланд и со Литванија. Француската генерација до 19 години пред две години на турнирот до 17 години беше прва… пишува ЕХФ.
Прелиминарната групна фаза ќе биде заокружена в сабота, кога 12 репрезентации ќе продолжат во главната групна фаза. Н.М.


ЕП 2025, ПРВО КОЛО, ДЕНЕСКА

Група А: Унгарија – Македонија, Чешка – Полска
Група Б: Данска – Исланд, Црна Гора – Литванија
Група Ц: Шведска – Финска, Србија – Швајцарија
Група Д: Романија – Фарски Острови, Германија – Шпанија
Група Е: Норвешка – Словенија, Франција – Португалија
Група Ф: Холандија – Турција, Хрватска – Австрија