Фото: Игор Бансколиев

Оваа репрезентација има потенцијал и квалитет да ја оствари поставената цел, и покрај тешките ривали што нѐ очекуваат во групата, односно да се квалификува во втората фаза, вели десното репрезентативно крило Гоце Георгиевски. До почетокот на СП 2023, Македонија треба да одигра два меча со Црна Гора и уште два на турнирот во Пореч, со Австрија и со Израел. На СП, Македонија е во група со Норвешка, Холандија и со Аргентина

РАКОМЕТ

Македонската машка ракометна репрезентација предводена од селекторот Кирил Лазаров денеска ќе ги почне подготовките за претстојното Светско првенство (СП) во Полска и во Шведска (11-29 јануари в година). Првиот собир во Скопје е закажан во 11.30 часот. Потоа ќе следуваат подготовки во Маврово и одигрување две пријателски средби со Црна Гора на 27 и на 28 декември, која, исто така, е дел од СП. Во рамките на проверката и темпирањето на формата, црвено-жолтите ќе настапат и на турнирот „Кроација куп“ во Пореч (Хрватска), каде што Македонија ќе игра пријателски средби со соодветните репрезентации на Австрија и на Израел.
Избраниците на црногорскиот селектор Зоран Рогановиќ, пак, ќе имаат и уште две нови проверки против Катар во Доха на 3 и 5 јануари, од каде што потоа ќе заминат за Краков, каде што на 12 јануари го играат против дуел со Шпанија на СП 2023.
– Денеска почнуваме со подготовките за Светското првенство. Секако дека нѐ очекува тешка група, но моите очекувања, сепак, се оптимистички. Сметам дека имаме шанси да се пласираме меѓу првите три селекции во нашата група Ф, иако тоа нема да биде лесно. Оваа репрезентација има потенцијал и квалитет да ја оствари поставената цел, и покрај тешките ривали што нѐ очекуваат во групата, односно да се квалификува во втората фаза. Точно е и тоа дека оваа репрезентација е нова и млада со неколку поискусни играчи, но со голема верба, работа и дисциплина можеме да го оствариме посакуваното. Норвешка е прв фаворит во нашата група, а и против Холандија и против Аргентина ќе играме на победа – оптимист е искусното десно репрезентативно крило Гоце Георгиевски, во пресрет на почетокот на денешните подготовки.
Македонија го почнува настапот на СП 2023 на 13 јануари со Норвешка, на 15 јануари игра со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина. Најдобрите три репрезентации од секоја од осумте групи ќе обезбедат пласман во следната групна фаза. Македонија досега има седум настапи на мундијалите, а најдобриот пласман го забележа на СП 2015 во Катар, каде што го освои деветтото место. Г.И.