Фото: РФМ

Црвено-жолтите се во вториот, од вкупно четири барабани, заедно со Полска, Чешка, Србија, Црна Гора, Австрија, Грција и Фарските Острови и со овие репрезентации не можат да се сретнат на патот за настап на деветтиот континентален шампионат

РАКОМЕТ – ЖДРЕПКА ВО КОПЕНХАГЕН

Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска ќе ги дознае противниците во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година во Данска, Шведска и во Норвешка. Според Европската ракометна федерација (ЕХФ), предвидено е ждрепката да се одржи денеска во Копенхаген (Данска), од 16.30 часот. Црвено-жолтите се сместени во вториот, од вкупно четирите барабани, заедно со селекциите на Полска, Чешка, Србија, Црна Гора, Австрија, Грција и на Фарски Острови и со овие репрезентации не можат да се сретнат на патот за настап на деветтиот континентален шампионат.
– Од првиот барабан добро би било да се Исланд или Словенија, поради тоа што Македонија знае да игра со нив, а и во изминатите години сме го потврдиле тоа. Од третиот барабан ја посакувам Швајцарија, само поради тоа што сакам сите да веруваат дека победата на последното Европско првенство не беше случајна. И од четвртиот барабан би сакал ривал да ни биде Финска или Израел. Се разбира, секогаш се надевам и правам сѐ што можам за Македонија да го задржи тој успех што го има со континуираниот настап на европските првенства и да оди напред – вели десниот репрезентативен бек Мартин Серафимов.
Вкупно 32 репрезентации се во квалификациите, а директен пласман обезбедија домаќините на ЕП 2026 и европскиот првак Франција. Ќе има вкупно осум квалификациски групи, а настап на ЕП ќе обезбедат двете најдобропласирани од секоја група, како и четири најдобри меѓу третопласираните од сите групи, или вкупно 20 селекции.
На ждрепката во Копенхаген ќе се приклучат и четворица поранешни ракометари што ќе ги извлечат квалификациските групи, и тоа Норвежаните Хавард Тведен, Љубомир Врањеш, како и поранешните дански ракометари Томас Могенсен и Ларс Кристијансен. Г.И.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1: Германија, Шпанија, Унгарија, Исланд, Хрватска, Словенија, Португалија, Холандија
2: Македонија, Австрија, Црна Гора, Србија, Полска, Чешка, Фарски Острови и Грција
3: БиХ, Словачка, Белгија, Швајцарија, Романија, Литванија, Украина, Италија
4: Финска, Израел, Естонија, Грузија, Турција, Луксембург, Косово, Летонија