Храброста, борбеноста и одговорноста на младите ракометари го радува Ристо Магдинчев/Фото: Приватна архива

Штета што Кирил Лазаров се повреди во очи на Европското првенство и нема да може да игра, но во негово отсуство, младите играчи ја презедоа одговорноста и позитивно одговорија на задачата, смета искусниот тренер Ристо Магдинчев.

Македонија го загуби дуелот со Словенија (25-27) во првото коло од групната фаза на ЕП, одигран вчера во унгарски Дебрецин, но се истакна младиот Цветан Кузманоски со осум гола, а солидно одиграа и другите млади ракометари, според Магдинчев.

– Ме радува играта, храброста, борбеноста и одговорноста што ја покажаа младите ракометари во нашиот состав. Цветан Кузманоски иако најмлад беше фантастичен, за Томовски само суперлативи, солидно одиграа и Филип Талески, Филип Кузмановски и  Мартин Велковски, Жарко Пешевски исто така, а Марко Мишевски се профилира како одличен дефанзивец. Генерално гледано имаме одлична база која може солидно да одговори во следните десетина години – смета Магдинчев.

Цветан Кузманоски беше најефикасен со осум гола против Словенија/Фото: РФМ

Со проширувањето на ЕП на 24 селекции, се промени форматот на натпреварувањето. Па така, наместо трите најдобропласирани селекции како што беше досега, место во главната рунда обезбедуваат двете водечки селекции од секоја од шесте групи. За пласман во следна рунда на Македонија ѝ се потребни две победи во двата преостанати дуели со Данска и со Црна Гора. Магдинчев порачува дека националната селекција треба до крајот на ЕП да одигра најдобро што може, но оти допрва може да очекува подобри резултати на следните натпреварувања, со оглед на младите сили во составот.

– Мислам дека за пламсан во главна фаза на ЕП, би требало да размислуваме за две години, односно на следното ЕП. На ова ЕП сметам дека победа над Црна Гора би била реалност, а во дуелот со Данска треба да се обидеме да ги искористиме сите укажани шанси и да одиграме најдобро што можеме, чисто за себе, за самодоверба, за искуство. Верувам во посветеноста, амбициозноста и желбата на успех на Лазаров, така да, со овие млади и полетни момчиња можеме да очекуваме се подобри игри и повисоки пласмани на следните големи натпреаувања – заклучува Магдинчев.

Втор противник на Македонија на ЕП, утре ќе биде селекцијата на Црна Гора (18 ч.), а дуелот со Данска ќе се одигра в понеделник.


На Македонија ѝ недостига брз разигрувач

Синоќа ме воодушеви играта на централниот бек на Холандија, Лук Стеинс, и сметам дека на нашиот тим му фали еден таков разигрувач, брз, подвижен, несебичен со визија и прегледнот на играта за да бидеме комлетни во напаѓачката линија. Ги следам нашите играчи, сметам дека имаме централни бекови со личен профил, на кои треба да им се даде шанса, додава Магдинчев.