Фото: ЕПА

Во спектакуларно финале, Магдебург во драматична завршница со „атомска“ игра од двете страни, по продолженија, го совлада Киелце со 30-29. Со тоа продолжи низата меѓународни успеси на Магдебург, кој во 2021 година победи во Лига Европа и на Суперглоуб, во 2022 година одново стана светски првак, а сега е и европски шампион

РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Германскиот ракометен вицепрвак Магдебург е новиот европски првак во Лигата на шампионите (ЛШ), четврти пат во својата историја (претходно победи во 1978 и 1981 и во 2002 година), првпат по 21 година. Во големото спектакуларно финале во арената „Ланксес“, во германскиот град Келн, пред околу 20.000 гледачи, избраниците на Бенет Вигерт во драматична завршница, со „атомска“ игра од двете страни, дури по продолженијата го совладаа полски Киелце со 30-29 (26-26, 13-15), кој вторпат во низа се пласираа во финалето и двапати е поразен на неверојатен начин.
Во дополнителните 10 минути подобар беше Магдебург, а триумфот дојде благодарение на извонредните бекови, Холанѓанецот Кај Смитс, Исланѓанецот Гисли Кристијансон и Данецот Микаел Дамгард, предводени од одличниот голман Никола Портнер. Смитс со осум и Дамгард и Кристјансен со по шест гола беа најпрецизни во таборот на Магдебург, а кај Киелце одличен беше Алекс Душебаев со осум гола, како и германскиот голман Андреас Фолф, кој имаше дури 15 одбрани.
Пехарот се врати во Германија по две години во Барселона. Магдебург, кој годинава ја загуби шампионска титула во Бундес-лигата од Кил, а во финалето на домашниот Куп загуби од Левен, а лани во Лига Европа од Бенфика, сега се искачи на врвот на Европа, совладувајќи два гиганта. Прво падна Барселона во полуфиналето, по изведувањето пенали (Барселона не реализира четири од петте седмерци), а во финалето и Киелце, кој има една титула во ЛШ (2016 година).
Магдебург лани во октомври триумфира и на турнирот Суперглоуб (неофицијалното клупско светско првенство) и е единствен што двапати ја победи моќната Барселона. Со тоа продолжи низата меѓународни успеси на Магдебург, кој во 2021 година победи во Лига Европа и на Суперглоуб, во 2022 година одново стана светски првак, а сега е и европски шампион.
Феноменалниот Кристјансон, кој беше и најдобар играч во Бундес-лигата, е избран и за најкорисен играч (МВП) на турнирот во Келн. Тој во полуфиналето го повреди рамото, па неговото влегување во 15. минута во финалниот меч беше изненадување. Третото место сезонава во ЛШ го освои Барселона, која го совлада францускиот претставник ПСЖ со 37-31. Г.И.


Соборен голгетерскиот рекорд на фајналфор-турнирите

Десното крило на Барселона Алеиш Гомез Абелјо стана водечки стрелец во Лигата на шампионите (ЛШ) на фајналфор-турнирите, по годинашново издание во Келн. Со 12 нови погодоци, тој зад своето име сега има вкупно 70 и за два гола го надмина рекордот на фајналфор-турнирите, кој беше во сопственост на Македонецот Кирил Лазаров и на Данецот Микел Хансен, со по 68 гола. Овој рекорд може во иднина да биде и зголемен, ако се име предвид дека Шпанецот има 26 години. Четврти е Исланѓанецот Арон Палмарсон (59), а петти е Србинот Момир Илиќ (58)
Лазаров, кој сега е селектор на машката репрезентација на Македонија, и понатаму е водечки стрелец во ЛШ на сите времиња, со вкупно 1.363 гола (20 натпреварувачки сезони), пред Французинот Никола Карабатиќ (1.182), Данецот Микел Хансен (1.113), Русинот Тимур Дибиров (1.110), сите тројца се уште активни играчи, а на петтото место е Момир Илиќ (969). Г.И.


НАЈМНОГУ ЕВРОПСКИ ТИТУЛИ

Барселона 11
Гумерсбах 5
Кил 4
Магдебург 4