Фото: Маја Јаневска-Илиева

На списокот со 35 репрезентативки има 15 интернационалки и 20 ракометарки од домашните клубови Ѓорче Петров, Металург, Вардар и Чаир. Македонија по четири кола е втора во својата група со четири бода, по два повеќе од Азербејџан и од Литванија, со кои се среќава идната недела. На ЕП 2024 ќе се пласираат најдобрите две репрезентации од секоја од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните селекции

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, го објави поширокиот список на кој има 35 ракометарки, за претстојните натпревари идната недела со репрезентациите на Азербејџан и на Литванија, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП), кое годинава треба да се одржи во три земји, Австрија, Унгарија и Швајцарија.
На поширокиот список има 15 интернационалки, кои играат во девет држави, и тоа во Романија четири репрезентативки, во Србија, Турција и во Франција по две, како и во Хрватска, Русија, Унгарија, Германија и во Грција по една, како и 20 од домашните клубови Ѓорче Петров, Металург, Вардар и од Чаир.
Во претстојната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Македонките прво, на 3 април, ќе играат на гостински терен, во Баку, со селекцијата на Азербејџан, а потоа на 7 април, во Скопје, со репрезентацијата на Литванија.
Македонија досега има шест настапи на европските првенства, и тоа во 1998 година во Холандија, 2000-та во Романија, 2006-та во Шведска, 2008 година во Македонија, 2012-та во Србија и во 2022 година во Македонија, Црна Гора и во Словенија.
Најдобриот пласман црвено-жолтите го остварија на ЕП 2008, седмо место, а осми беа во 1998 и во 2000 година. Македонија има и пет настапи на светските шампионати.
Во првото квалификациско коло од групата пет, Македонија дома го победи Азербејџан со 40-17, а во второто коло, на гости, во Вилнус, беше совладана Литванија, со 31-28.
На табелата по четири кола води репрезентацијата на Шпанија со максимални осум бода, со што веќе се пласира на годинашното Европско првенство, Македонија е втора со четири бода, а потоа се Литванија и Азербејџан со по два бода.
На годинашното Европско првенство, 16-то по ред, ќе се пласираат најдобрите две репрезентации од секоја од осумте квалификациски групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните селекции.
Досега пласман на ЕП 2024 обезбедија 11 селекции, и тоа репрезентациите на трите земји домаќини на шампионатот, Австрија, Унгарија и Швајцарија, потоа Норвешка, како актуелен европски првак од првенството во 2022 година, како и Шпанија, Данска, Шведска, Холандија, Романија, Франција и Црна Гора, кои ги обезбедија првите две места во своите групи. Г.И.


СОСТАВ

Софи Гошевска, Ангела Јанкуловска, Марија Јанкуловска, Ива Божиновска, Ана Марија Коларовска, Анастасија Николовска, Катерина Дамјаноска, Емилијана Ризоска (Ѓорче Петров). Анастасија Трпеска, Марија Гугуљанова, Јана Калајџиевска, Сара Миновска, Михаела Кралева (Металург), Андреа Илиќ, Бојана Коцева, Леона Миленкоска, Борјана Коцева (Вардар), Хана Мифтари, Бојана Диневска, Теодора Дукоска (Чаир), Јована Мицевска, Јована Саздовска (Слатина, Романија), Сара Стефаноска (Зорк Јагодина, Србија), Ема Кирова (Спартак, Србија), Сара Ристовска (ЦСКА, Русија), Леонида Гичевска (Букурешт, Романија), Ивана Арсениевска (Униреа, Романија), Ивана Џатевска (Варда, Унгарија), Ива Младеновска (Брест, Франција), Јована Кипријановска (Самбре, Франција), Симона Маџовска (Цвикау, Германија), Андреа Седлоска (Локомотива, Хрватска), Елена Ѓорѓиевска (Коњалти, Турција), Ивана Гакидова (Коњалти, Турција), Драгана Петковска (АЕК, Грција).


ГРУПА 5

Азербејџан – Македонија 3 април
Литванија – Шпанија 3 април

ТАБЕЛА
Шпанија 4 4 0 0 8
Македонија 4 2 0 2 4
Литванија 4 1 0 3 2
Азербејџан 4 1 0 3 2