Фото: Архива на „Нова Македонија“

Македонија и Франција од 18 часот ќе го отворат ЕП 2024, по што ќе следува и дуелот Германија – Швајцарија (20.45 ч.), а двете средби ќе се играат на фудбалскиот стадион во Диселдорф, каде што се очекува да биде поставен светски рекорд во посетеност на еден ракометен меч. „Првиот натпревар го играме со најдобрата репрезентација во Европа и во светот, Франција. Таа е и олимписки првак, а да се освои злато на олимписките игри е нешто најтешко. Ќе пробаме да го дадеме најдоброто, веруваме во добра игра, но ќе зависи многу и од Франција, каков пристап ќе има таа против нас“, вели селекторот Лазаров

РАКОМЕТ – ВО ГЕРМАНИЈА ПОЧНУВА 16-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Шест германски града, Берлин, Хамбург, Диселдорф, Келн, Манхајм и Минхен, од денеска се домаќини на 16. Европско првенство (ЕП) за ракометари. Меѓу 24-те учеснички е и репрезентацијата на Македонија, која, предводена од селекторот Кирил Лазаров, осми пат ќе настапи на континентален собир, на кој најдобриот пласман го оствари во 2012 година, кога го освои петтото место.
А, токму денеска, со мечот со ракометната велесила, селекцијата на Франција (18 ч.), Македонија, која е сместена во групата А, ќе го отвори ЕП, по што ќе следува и дуелот Германија – Швајцарија (20.45 ч.). Двете средби се играат на фудбалскиот стадион во Диселдорф, со капацитет од 54.000 гледачи, и се очекува да биде поставен светски рекорд во посетеност на еден ракометен натпревар (актуелниот светски рекорд е поставен на германски фудбалски стадион, кога 44.189 луѓе присуствуваа на мечот Левен – Хамбург во Франкфурт пред десет години). Македонската селекција од понеделникот е во Диселдорф, каде што одржа неколку тренинзи пред денешниот дуел со Франција.
– Првиот натпревар го играме со најдобрата репрезентација во Европа и во светот, Франција. Таа е и олимписки првак, а да се освои злато на олимписките игри е нешто најтешко. Со Данска се моментно најдобри селекции. Ние полека се подготвуваме за тој дуел. Ќе пробаме да го дадеме најдоброто, веруваме во добра игра. Но ќе зависи многу и од Франција, каков пристап ќе има таа против нас. Физички се доминантни, сум играл со сите играчи додека бев во Франција. Тука е и домаќинот Германија, која ќе игра пред своја публика. Сепак, од овие дуели можеме само многу да добиеме, многу да научиме, ќе бидат едно големо искуство за нас – вели Лазаров.

Црвено-жолтите со денешниот прв ривал Франција се сретнале само еднаш на ЕП, во 2016 година, кога загубиле со 23-30 (12-12). Досега на ЕП играла двапати со Германија и има резултат од по еден пораз и реми (23-24 на ЕП 2012 и 25-25 на ЕП 2018). Дуелот со Германија треба да се игра во Берлин в недела (20.30 ч.), а третиот меч во групата е со Швајцарија, која досега настапила четири пати на ЕП, на 16 јануари во Берлин. Франција, предводена од ветеранот Лука Карабатиќ, досега играла на сите претходни 15 ЕП, а освоила три злата и две бронзи и е втора по бројот на титули, зад Шведска со пет. „Триколорите“ се најуспешна селекција на светските првенства со шест злата, две сребра и четири бронзи (вицепрваци се од ланското СП). Франција е и најуспешна селекција на летните олимписки игри, со три златни медали и по едно сребро и бронза, а е и единствената селекција што била европски, светски и олимписки првак во исто време (во 2010 и во 2015 година).
Македонија го заокружи подготвителниот период со четири победи на дуели со селекции што ќе играат на ЕП 2024. Трипати беше совладана Грција, двапати во Скопје, а еднаш ремизира и победи во Солун. Во Стара Пазова (Србија) македонските ракометари беа подобри и од Црна Гора.
На сите 16 ЕП играле само Франција, Хрватска и Шпанија, а Грција, Грузија и Фарските Острови се трите дебитанти годинава. Деветнаесет селекции што ќе играат во Германија настапиле и на ЕП 2022. Никола Карабатиќ, кој е рекордер со 71 меч на европските првенства, сега ќе има можност да го собори и рекордот за најмногу голови на Исланѓанецот Гудјон Валур Сигурдсон, кој има 288 погодока (Карабатиќ досега постигна 279). Г.И.


ЕП 2024, ПРВО КОЛО

ГРУПА А
Франција – Македонија 18 ч.
Германија – Швајцарија 20.45 ч.
ГРУПА Б
Австрија – Романија петок, 18 ч.
Шпанија – Хрватска петок, 20.30 ч.
ГРУПА Ц
Исланд – Србија петок, 18 ч.
Унгарија – Црна Гора петок, 20.30 ч.
ГРУПА Д
Словенија – Ф. Острови утре, 18 ч.
Норвешка – Полска утре, 20.30 ч.
ГРУПА Е
Холандија – Грузија утре, 18 ч.
Шведска – БиХ утре, 20.30 ч.
ГРУПА Ф
Португалија – Грција утре, 18 ч.
Данска – Чешка утре, 20.30 ч.


НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ НА ЕДНО ЕП

ГОД. РАКОМЕТАР (РЕПРЕЗ.) ГОЛ.
2020 Сандер Сагосен (Данска) 65
2012 Кирил Лазаров (Македонија) 61
2022 Омар Инги Магнусон (Исланд) 59
2002 Олафур Стефансон (Исланд) 58
2018 Ондреј Ждрахала (Чешка) 55


Фото: ЕПА

ДОСЕГАШНИ ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ

ГОД. РЕПРЕЗ.
1994 Шведска
1996 Русија
1998 Шведска
2000 Шведска
2002 Шведска
2004 Германија
2006 Франција
2008 Данска
ГОД. РЕПРЕЗ.
2010 Франција
2012 Данска
2014 Франција
2016 Германија
2018 Шпанија
2020 Шпанија
2022 Шведскa
2024 ?