Фото: РФМ

Македонската селекција загуби од Словенија во Скопје, а веќе в недела е четвртиот дуел во квалификациите, повторно со Словенија, но сега на гости. Во вториот меч од оваа група Литванија на гости ја совлада Естонија и изби на второто место на табелата, на која води Словенија, а Македонија е трета. Првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи и четири најдобри меѓу третопласираните обезбедуваат пласман на ЕП 2026

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026

Македонската машка ракометна репрезентација загуби од Словенија со 26-32 (16-15), во Скопје, во преполнетиот СЦ „Борис Трајковски“, во третото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Данска, Норвешка и во Шведска. Веќе в недела македонските ракометари ќе го играат и четвртиот дуел во квалификациите, повторно со Словенија, но сега на гостински терен, во Копер (од 18.30 ч.).
– Не е срамота да се загуби од Словенија. Но натпреварот се игра 60 минути и сега треба да го анализираме она што ни се случи. И мене ми дејствуваше перфектно во првите 20 минути, но не заслуживме на полувремето да водиме само со еден гол разлика. Момците играа прецизно и во нападот и во одбраната, а Словенците во тој период беа немоќни. Со црвениот картон на Карасманакис изгубивме важна ротација, а отсуството на Марковски поради повреда, исто така, многу ни значеше во одбраната. Сметам дека ракометарите беа разочарани од исходот на полувремето. Се обидовме со стручниот штаб да ги вратиме во игра, да не жалат за пропуштената поголема гол-разлика. Сепак, ова е добра лекција за нашиот ракомет. Треба да бидеме константни во своите настапи и затоа треба да се работи на тој ментален склоп. Грешки имаше и на двете страни. Во првиот дел толку добро ни одеше што воопшто и не сакав да правам ротации во играта, особено во офанзивниот дел со капитенот Кузмановски и со Митев, кои беа перфектни. Ќе се обидеме да извлечеме поука од овој меч. Ќе чувствуваме притисок на последните два натпревара, бидејќи треба на гости да се совлада Естонија, а дома Литванија, но момците играле такви натпревари и ќе се подготвуваме сериозно за нив. Сепак, наша цел е да се пласираме на ЕП – вели селекторот Кирил Лазаров.
Најефикасни во македонските редови беа капитенот Филип Кузмановски со 10, Марко Митев со пет и Жарко Пешевски со четири гола, а голманот Никола Митревски имаше девет одбрани. Кај гостите доминираа Алекс Влах со 10 и Блаж Јанц со седум гола, а голманот Јоже Базник имаше 13 одбрани. Македонија имаше ефикасност на шут од 57 отсто, Словенија 70 отсто, промашени удари 20, а гостите 16, технички грешки шест, а противникот четири…
– Со оглед на сите кадровски проблеми што ги имавме пред почетокот на квалификациите, моите играчи одиграа навистина добар натпревар. Почнавме лошо, а потоа ги притискавме домаќините и ги стигнавме на крајот на првото полувреме. Во вториот дел решително нагазивме и победивме. Би сакал уште еднаш да им честитам на моите играчи за одличната победа во Скопје – рече селекторот на словенечката репрезентација Урош Зорман.
Во вториот натпревар од групата еден, Литванија на гости ја совлада Естонија со 30-20 и изби на второто место на табелата со четири бода, Македонија сега е трета со два бода, Естонија четврта без бодови, а Словенија е лидер со шест. Првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи и четири најдобри меѓу третопласираните обезбедуваат пласман на ЕП 2026. Македонија засега е четврта меѓу третопласираните селекции. Г.И.


ГРУПА 1

Македонија – Словенија 26-32
Естонија – Литванија 20-30

ТАБЕЛА
Словенија 3 3 0 0 97-79 6
Литванија 3 2 0 1 84-83 4
Македонија 3 1 0 2 90-94 2
Естонија 3 0 0 3 81-96 0
Идно коло (недела): Литванија – Естонија (15 ч.), Словенија – Македонија (18.30 ч.).