Идејата за македонската репрезентација ја имам од моето поставување како селектор и продолжуваме напред. Нема лесно да се предадам, ми се случувале вакви работи и во играчката кариера. Имаме напредок, но тоа треба да го преточиме во победи и успеси, рече селекторот Кирил Лазаров, откако македонските ракометари го доживеаја и вториот пораз на ЕП 2022 и не се пласираа во втората фаза на првенството
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
Македонската машка ракометна репрезентација не успеа да се пласира во втората фаза на Европското првенство (ЕП), кое до 30 јануари се игра во Унгарија и во Словачка. По поразот во првото коло од Словенија (25-27), црвено-жолтите го доживеаја и вториот, од Црна Гора (24-28), и со тоа ги загубија сите шанси за пласман во втората фаза, во која одат само првите две селекции од секоја од шесте групи.
Ова е вторпат во историјата на македонскиот ракомет црвено-жолтите да не ја поминат првата фаза од европските првенства. Првиот пат тоа беше на претходното ЕП, во 2020 година, во Австрија, Норвешка и во Шведска. Македонија денеска ќе го одигра и третиот натпревар од групата А во Дебрецин против актуелниот светски првак и двократен европски првак Данска (2008 и 2012 година), која е апсолутен фаворит. По две одиграни кола во групите А, Ц, Е и Ф (Б и Д, вториот дуел го играа вчера), понатамошен пласман веќе обезбедија селекцијата на Данска (група А) и бранителот на титулата, Шпанија (група Е). Во другите дуели сѐ ќе биде познато по одигрувањето на третото коло.
– Идејата за македонската репрезентација ја имам од моето поставување како селектор и продолжуваме напред. Поразот боли, но сакам да истакнам дека она за што се подготвувавме и да настапиме комплетни како во квалификациите, не ни успеа. Не е иста оваа репрезентација без Лазаров, Маркоски, Митрески, Ојлески, Стоилов, Манасков, без невакцинираните. Планот беше да дојдеме комплетни и да им се спротивставиме на сите. Ова не е алиби, туку реална ситуација. Загубивме два меча, првиот со многу жар и борба. Можеби тоа нѐ наведе да помислиме дека можеме лесно да ја победиме Црна Гора, но ние ги мотивиравме Црногорците, а тие имаат одлични индивидуалци. Оптимист сум и прифаќам критика. Верувам во репрезентацијата, можеби повеќе од ракометарите, на кои им недостига тој победнички менталитет, а големите спортисти се раѓаат со таков менталитет. Имам и јас грешки и треба да ги поправам. Нема лесно да се предадам, ми се случувале вакви работи и во играчката кариера. Имаме напредок, но тоа треба да го преточиме во победи и успеси – рече на вчерашниот брифинг со новинарите селекторот Кирил Лазаров.
Многуте грешки, избрзани удари и промашени зицери, но и 13-те одбрани на противничкиот голман Небојша Симиќ, беа и основните причини за поразот од Црна Гора. Не помогнаа ни враќањето во репрезентацијата на голманот Никола Митревски и неговите десет одбрани. Најефикасни во редовите на Македонија беа Мартин Велковски, со шест гола од седум удари, и Цветан Кузмановски, со пет гола.
– Се чувствувам уморно и разочарано. Против Словенија имавме многу технички грешки, што требаше да го подобриме со Црна Гора, но не успеавме. Оваа репрезентација дефинитивно не е иста без Дејан Манасков, Никола Марковски, Стојанче Стоилов и, се разбира, играчот Лазаров. Сега играме против Данска, дуел во кој нема што да загубиме, а претставува шанса да покажеме што и како сме се подготвувале. Пробуваме да играме нов систем, брз ракомет со многу ротации. Но не ми е јасно што е со тие технички грешки, а ги направивме премногу во двата натпревара – вели бекот Филип Кузмановски.
Наместо еден, следуваат два круга квалификации за СП 2023
Со поразот од Црна Гора, Македонија загуби многу повеќе од само третото место во групата А од Европското првенство (ЕП). Македонија ќе биде четврта во групата, а тоа место во вкупниот пласман е 20-24, што може да донесе компликација околу баражите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година. Според Европската ракометна федерација (ЕХФ), квалификациите првпат ќе се одвиваат во три етапи, заедно со претквалификациите што се во тек. Според тој систем, Македонија наместо еден, ќе игра два бараж-круга, затоа што ќе биде пласирана пониско од 16. место на ЕП 2022.
Првиот круг на баражи ќе се одвива во април годинава, можни ривали (ждрепката е во Будимпешта на крајот на јануари) на Македонија ќе ѝ бидат Швајцарија и најдобрите осум селекции од претквалификациите (Грција, Финска, Романија, Естонија, Израел и уште три репрезентации што требаше да се дознаат синоќа). Потоа ќе следува вториот круг, закажан во јуни, а таму Македонија нема да биде носител во ждрепката и ќе игра со селекција од четвртото до 15. место на ЕП 2022.