Кога посакувате, а тоа им го реков и на момците пред мечот, не се битни ни стратегијата ни тактиката, туку да ја посакуваме победата повеќе од Швајцарија, иако и тие ја посакуваа, а покажаа и на ова ЕП дека се многу квалитетни. Завршивме на третото место во групата и ќе имаме полесен противник во баражот за пласман на СП следната година, вели македонскиот селектор Кирил Лазаров
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
Македонската репрезентација го освои 17-то место на 16. Европско првенство (ЕП) во ракомет во Германија, откако во третиот натпревар во групата А ја совлада Швајцарија, со 29-27. Овој пласман е за пет места подобар од претходниот, а им обезбеди на избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров да бидат сместени во првиот барабан при ждрепката на двојките за баражот за пласман на Светското првенство (СП) в година.
– Пред сѐ, сакам да им честитам на моите ракометари за одличната борба во сите 60 минути. Од првиот впечаток што го имам, одигравме екстра-квалитетен натпревар, со голем жар, борба и желба за победа. Кога посакувате, а тоа им го реков и на момците пред мечот, не се битни ни стратегијата ни тактиката, туку да ја посакуваме победата повеќе од Швајцарија, иако и тие ја посакуваа, а покажаа и на ова ЕП дека се многу квалитетни. Многу сум задоволен и среќен од презентираното на овој трет натпревар. Ги минимизиравме техничките грешки, мислам на 6-7, за разлика од претходните два меча, на кои, пак, можеби од преголем респект, се доведовме и во таква ситуација, а можевме да извлечеме подобар резултат. Не да победиме, но да биде подобро одиграно од наша страна. Задоволен сум и благодарен на македонската јавност и на медиумите, бидејќи гледам колку еуфорично ја доживувавме победата, а трагично поразите. Ова, сепак, беше многу важна победа, бидејќи завршивме на третото место во групата и ќе имаме полесен противник во баражот за пласман на СП следната година – рече Лазаров.
Македонија, за разлика од првите два меча (порази од Франција со 29-39 и од Германија со 25-34), против Швајцарците одигра многу поенергично, поборбено, со намалени технички грешки, водеше во текот на натпреварот, иако во завршницата беше неизвесно. Најефикасни во македонските редови беа младиот среден бек Марко Митев, со пет гола од пет шута, и десното крило Ненад Костески, исто така со пет гола од седум обида. На голот одличен беше Мартин Томовски, со 12 одбрани од 33 шута (36,26 отсто успешност). Кај противникот доминираше играчот на натпреварот, ветеранот Енди Шмид (40), кој впиша 12 гола од 16 удари и кому ова најверојатно му беше последно учество на европските првенства.
– Дефинитивно сум среќен, оти покрај онаа криза и лоши настапи против Франција и Германија, променивме некои работи во играта и покажавме како е да се биде во друго светло, со многу емоции, повнимателни… Кога беше најпотребно постигнувавме голови, а техничките грешки верувам дека беа на најниско ниво. Ќе кажам дека заслужено се радуваме на оваа победа и наедно им честитам на моите соиграчи – рече Томовски.
Од групата А понатаму во главната групна фаза се пласираа Франција, која настапи на сите 16 ЕП и има три злата и две бронзи, и Германија со 15 учества и освоени две злата, едно сребро и три бронзи. Во групата Б прва е Хрватска, која има 16 учества, со освоени по три сребра и бронзи, и Австрија. Од групата Ц понатаму одат Унгарија, која учествувала на 14 ЕП, но е без освоен медал, со најдобар пласман во 1998 година, шеста, и Исланд.
Натпреварите од првата група се играат во познатата арена „Ланксес“ (19.500 гледачи) во Келн, а од втората група во Хамбург (16.000 гледачи). Г.И.
ПЛАСМАН НА ЕП 2024
13. Шпанија
14. Црна Гора
15. Чешка
16. Полска
17. Македонија
18. Грузија
19. Србија
20. Фарски Острови
21. Швајцарија
22. Романија
23. Грција
24. БиХ
Елиминиран е актуелниот европски вицешампион
Секако, најголемо разочарување беше елиминацијата на Шпанија од понатамошниот настап на Европско првенство (ЕП) во ракомет во Германија. Шпанија е актуелен европски вицешампион и актуелен освојувач на бронзи на ланското Светско првенство и на Летните олимписки игри во 2021 година. Шпанија досега настапи на сите 16 ЕП, а ова ѝ е најслаб пласман по 10-то место во 2004 година. Во третиот меч од групата Б таа одигра нерешено со пријатното изненадување Австрија (33-33), која, пак, досега настапи на пет ЕП, а најдобар пласман оствари во 2020 година, осмо место. Во Германија тие уште се непоразени по три меча во една од најтешките групи, откако ремизираа со Шпанија и со Хрватска и ја победија Романија.
Македонија во првиот барабан во баражот за СП 2025
Македонија со триумфот над Швајцарија со 29-27, покрај тоа што го освои третото место во групата А, го заокружи и својот настап на годинашното Европско првенство во ракомет, обезбедувајќи и место во првиот барабан во пресрет на ждрепката за баражот за следното Светско првенство (СП), кое в година треба да се игра во Хрватска, Норвешка и во Данска. Тоа значи и полесен ривал во двомечот, меѓу 11-те двојки, од кои само победниците ќе настапат на СП 2025. Дуелите од првиот бараж се во март, а од вториот, во кој ќе настапи Македонија, се во мај.
Директен пласман на СП 2025 досега обезбедија домаќините на првенството, Хрватска, Данска и Норвешка, како и финалистот на Светското првенство лани, Франција. Сите тие ќе играат во втората групна фаза на ЕП 2024, каде што се и Унгарија, Германија, Австрија, Исланд, Шведска, Словенија, Холандија и Португалија.
СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ
ПРВ: Македонија, Шпанија, Црна Гора, Полска, Чешка и шест од осумте репрезентации што ќе се пласираат од третото до 12. место на ЕП 2024, а досега не обезбедиле виза за СП (Унгарија, Германија, Австрија, Исланд, Шведска, Словенија, Холандија и Португалија)
ВТОР: Грузија, Грција, БиХ, Фарски Острови, Србија, Романија, Швајцарија, како и победниците на бараж-средбите во март, Естонија – Украина, Финска – Литванија, Белгија – Италија, а Словачка ќе игра со победникот на дуелот Израел – Луксембург
ПРВА ГРУПНА ФАЗА
ГРУПА А
Македонија – Швајцарија 29-27
Франција – Германија 33-30
ТАБЕЛА
Франција 3 2 1 0 98-85 5
Германија 3 2 0 1 91-72 4
Македонија 3 1 0 2 83-100 2
Швајцарија 3 0 1 2 67-82 1
ГРУПА Б
Хрватска – Романија 31-25
Шпанија – Австрија 33-33
ТАБЕЛА
Хрватска 3 2 1 0 98-82 5
Австрија 3 1 2 0 92-85 4
Шпанија 3 1 1 1 98-96 3
Романија 3 0 0 3 73-98 0
ГРУПА Ц
Србија – Црна Гора 29-30
Исланд – Унгарија 25-33
ТАБЕЛА
Унгарија 3 3 0 0 87-76 6
Исланд 3 1 1 1 83-90 3
Црна Гора 3 1 0 2 84-86 2
Србија 3 1 0 3 83-85 1
ВТОРА ГРУПНА ФАЗА
ГРУПА 1
Унгарија – Австрија 15.30 ч.
Франција – Хрватска 18 ч.
Германија – Исланд 20.30 ч.
ТАБЕЛА
Унгарија 1 1 0 0 33-25 2
Франција 1 1 0 0 33-30 2
Хрватска 1 0 1 0 28-28 1
Австрија 1 0 1 0 28-28 1
Германија 1 0 0 1 30-33 0
Исланд 1 0 0 1 25-33 0
СТАТИСТИКА ПО ПРВАТА ГРУПНА ФАЗА
- Листа на стрелци: Алеикс Гомез Абело (Португалија) 24 (85,7 отсто успешност), Јури Кнор (Германија) 24 (60)… 19. место Жарко Пешевски (Македонија) 15 (88,2)
- Најбрз шут: Богдан Радивојевиќ (Србија) 129,46 км/ч.
- Најбрз спринт: Дилан Нахи (Франција) 31,57 км/ч. Делба на 11. м. Петар Атанасијевиќ (Македонија) 30,2
- Најмногу асистенции: Елефсен Елијас а Скипаготу (Ф. Острови) 25. Делба на 10. м. Филип Кузмановски (Македонија) 13
- Најголемо истрчано растојание: Милош Вујовиќ (Црна Гора) 13,9 км. Делба на 11. м. Ненад Костески (Македонија) 11,81 км
- Најмногу одбрани: Томас Мрква (Чешка), 34/93 (34,56 насто). Делба на 21. м. Мартин Томовски (Македонија) 17/56 (30,36)
- Највисок скок: Томас Бабак (Чешка), Урош Борзаш (Србија), Лука Циндриќ (Хрватска), сите по 75 см