Фарските Острови се селекција што е во подем, играат брз ракомет, има играчи што настапуваат во Бундеслигата и нивната игра се темели на квалитетите на тие играчи. Треба да се подготвиме за нив и да го продолжиме континуитетот пласмани на големите натпреварувања, вели капитенот на македонската репрезентација, Никола Митревски. Првиот натпревар ќе се игра на 8/9 мај на гости во Торшавн, а реваншот ќе биде во Скопје на 11/12 мај.

РАКОМЕТ – МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИГРА СО ФАРСКИТЕ ОСТРОВИ ВО БАРАЖОТ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2025

Ракометната репрезентација на Фарските Острови е противник на Македонија во баражот за пласман на Светското првенство (СП) за мажи, кое в година треба да се одржи во Хрватска, Данска и во Норвешка, реши ждрепката пред која Македонија беше сместена во барабанот еден. Од вториот барабан, репрезентациите на Фарските Острови и на Грузија беа можните ривали во баражот за СП со кои Македонија досега не одиграла официјален квалификациски натпревар. Фарските Острови се селекција што секако не треба да биде потценета, особено ако се знае дека пријатно изненади со својата игра како дебитант на Европското првенство во Германија. Првиот натпревар ќе се игра на 8/9 мај на гости во Торшавн, а реваншот ќе биде во Скопје на 11/12 мај.
Фарските Острови, предводени од селекторот Петер Бредсдорф-Ларсен, го освоија 20-то место меѓу 24 репрезентации на ЕП 2024, со еден освоен бод против Норвешка (26-26), што претставуваше големо изненадување, а загуби од Словенија (29-32) и од Полска (28-32). Фарските Острови очигледно се репрезентација во подем, која негува брз ракомет со многу контри и полуконтри, како и брза трансформација од одбрана во напад и обратно, сака да се докажува и затоа воопшто не треба да се потцени без разлика што досега не настапила на СП, а само еднаш на ЕП.
– Добивме квалитетен противник, кој со квалитетот на играта им направи проблеми на сериозни европски селекции на Европското првенство. Имаат огромен напредок во сите ракометни категории во претходните три-четири години. Неатрактивна ракометна национална селекција, но многу квалитетна. Имаме време добро да се подготвиме. Очекувам неизвесен дуел и на двата натпревара. Имаме еднакви шанси за пласман на СП 2025 – вели македонскиот селектор Кирил Лазаров.

Во составот што настапи на ЕП во Германија особено отскокнуваа централниот бек, кој игра во Кил, Елиас Елефсен а Скипаготу (21) со 23 гола од 40 обида (57,5 отсто ефикасност), десното крило на Фиксе Берлин, Хакун Вест ав Теигум (21), исто така со 23 гола, од 27 шута (85,1) и двајцата со просек од 7,6 гола по меч. Пикерот на дански ХЕИ Хандболд, Теис Хорн Расмусен (27), постигна девет гола од 11 удари (81,8), десниот бек на дански Лемвиг, Вилхелм Поулсен (24), седум погодока од 13 шута (53,84), младиот лев бек на шведски Савехоф, Оли Митун (18), седум пати ја затресе мрежата од 16 обида (43,75) и левото крило на дански ХОЈ Елитехандболд, Рои Берг Хансен (27), шест гола од 10 удари (60 отсто). Што се однесува до чуварите на мрежата, првиот голман, кој брани за дански Олстуке, Паули Јакобсен (21), на трите меча имаше вкупно 19 одбрани од 75 шута (25,3 отсто), а вториот Николас Сатчвел (32), кој е член на норвешки Викинг, вкупно имаше ефект на одбрани од 22,8 отсто. Просечната возраст на ракометарите на Фарските Острови на ЕП 2024 беше 24,5 години, од кои по еден играч имаа по 18, 19 и 20 години, четворица по 21 година, а највозрасниот играч има 33 години. Просечната висина на играчите е 188 см (највисокиот има 1,96 см), а тежина 94,8 кг (најтешкиот ракометар има 116 кг). Во репрезентацијата има ракометари што играат во Данска (осуммина), Норвешка (четворица), Шведска (тројца), Германија (двајца), Исланд и во Фарски Острови (по еден).
Фарски Острови на ЕП 2024 се пласираа како една од најдобрите третопласирани селекции во квалификациите, пишува ЕХФ. Една од ѕвездите во подем на репрезентацијата во подем е талентираниот централен бек Оли Митун (18), кој беше втор најдобар стрелец на Фарските Острови за време на квалификациите со 26 гола, најдобриот стрелец на Светското првенство за млади во 2023 година и најкорисен играч (МВП) и најдобар стрелец на младинското првенство за играчи до 18 години во 2022 година.

– Секогаш е забавно да се игра со репрезентацијата и, секако, пред многу фарски навивачи. Секако, играњето на ЕП ќе ни значи сѐ, бидејќи сакаме да ги ставиме Фарски Острови на највисоко ниво во ракометот. Мислам дека најголемиот дел од нашиот успех е тоа што ракометот на Фарски Острови стана многу посериозен со текот на годините, каде што добивме многу повеќе тренери со полно работно време во клубовите. И, исто така, играчите навистина сакаат да играат на највисоко ниво и навистина се вложуваат за да бидат најдобри што можат. Исто така, луѓето што се занимаваат со ракомет се навистина добри за да им помогнат на играчите да го добијат најдобриот можен тренинг. И на крајот, почнавме да имаме многу ментален тренинг во репрезентацијата и мислам дека тоа многу помогна кога игравме под притисок – вели Митун, кој е помладиот брат на Паули, а тие се роднини на играчот на Кил, Елиас Елефсен а Скипаготу, и на Рои Елефсен а Скипаготу, со кои сите ја делат соблекувалната на националниот тим.
Митун е и вториот најдобар стрелец на Севехоф во Европската лига на ЕХФ за мажи сезонава, со 29 гола.
– Добивме еден од помалку посакуваните противници во баражот. И покрај тоа ние ќе влеземе како фаворити и тоа треба да го искористиме. Фарските Острови се селекција што е во подем, играат брз ракомет, има играчи што настапуваат во Бундеслигата и нивната игра се темели на квалитетите на тие играчи. Треба да се подготвиме за нив и да го продолжиме континуитетот пласмани на големите натпреварувања – вели капитенот на македонската репрезентација, голманот Никола Митревски. Г.И.


Позначајни победи на Фарските Острови

Фарските Острови се присутни во квалификациите за европските (ЕП) и за светските првенства (СП) во ракомет од 2002 година, играле во Челенџ-купот, а еднаш биле и победници (2017 година). Досега, и покрај многубројните порази, таа репрезентација успеала да ги победи во овие натпреварувања, меѓу другите, Грузија, Ерменија, Молдавија, Кина, Италија, Летонија, Луксембург, Чешка…, да одигра нерешено со Црна Гора на гости итн.


БАРАЖ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2025

Фарски Острови – Македонија
Финска/Литванија – Унгарија
Белгија/Италија – Црна Гора
Грција – Холандија
Романија – Чешка
Шпанија – Србија
Полска – Словачка/Израел
Грузија – Австрија
Словенија – Швајцарија
Португалија – БиХ
Исланд – Естонија/Украина
мечевите треба да се играат од 8 до 12 мај