Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нѐ очекува Словенија и ние сме фокусирани на неа. Нема да одиме со бело знаме, но, сепак, респект за Словенија, која е фаворит, изјави капитенот и селектор Лазаров

РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА ВО 1. КОЛО НА ЕП 2022

Нѐ очекува Словенија и ние сме фокусирани на неа. Тоа е репрезентација во која играат ракометари во многу силни клубови, како што се Кил, Киелце, Барселона, Сегед, Веспрем и други. Нема да одиме со бело знаме, но, сепак, респект за Словенија, која и индивидуално и колективно е фаворит, изјави селекторот и капитен на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, во пресрет на дуелот денеска со Словенија (18 часот), во 1. коло на Европското првенство (ЕП) во Словачка и во Унгарија.
Македонија е во групата А, во која се и Црна Гора и светскиот првак Данска.
– На сите ни е јасна целата ситуација и имаме желба да го поминеме првиот круг, што би бил огромен успех, не затоа што не заслужуваме, туку затоа што имаме група со многу силни противници, во која е и Црна Гора со добри индивидуалци. Наша желба е да го поминеме првиот круг, но треба да бидеме и реални дека сме во еден транзициски период, каде што треба да бидеме стрпливи, да веруваме во себе и да изградиме една нова генерација, која достојно ќе ја замени старата.

Веруваме во себе, знаеме што сакаме, но дали тоа ќе биде доволно да се помине во вториот круг ќе видиме на теренот. Ни недостигаат Никола Маркоски, кој поради повреда нема да настапи, Дејан Манасков, кој и најмногу ќе ни недостига тука, потоа четворицата позитивни играчи на ковид-19. Бевме подготвени за такво сценарио со ковид-19, оти повеќе од две години веќе живееме во такво сценарио. Се подготвив и ментално и физички како да изреагираме ако се случи тоа. Сега треба што подобро да се адаптираме на целата ситуација, не ни е сеедно, но немаме друг избор. Не треба да губиме енергија на таква работа – изјави Лазаров.
Првиот ривал на Македонија на ЕП 2022 е Словенија.
– Словенија е апсолутен фаворит против нас, се работи за играчи што тренираат во врвни клубови. Ние сме многу подготвени на тактички план, добро ги изработивме сите тренинзи. Имајќи ги предвид проблемите што се појавија со ковид-19, сепак, сметам дека имаме добар состав. Треба само да го дадеме својот максимум на теренот, како и секогаш, ако сакаме да го добиеме овој натпревар. Имаме сили за изненадување – вели средниот бек Филип Миркуловски.