РАКОМЕТ
- Македонија, која на ЕП 2026 во групата Б ќе игра со Данска, Романија и со Португалија, 18-ти пат ќе игра на големите натпреварувања (ЕП и СП), а 15-ти пат во низа. Селекторот објави список со 35 ракометари што ќе конкурираат за настап на претстојното Европско првенство, чии домаќини се Данска, Шведска и Норвешка
Селекторот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, го соопшти проширениот список со 35 ракометари што ќе конкурираат за настап на претстојното Европско првенство (ЕП), кое во јануари и во февруари треба да се одржи во Данска, Шведска и во Норвешка. На списокот нема големи изненадувања, со само двајца интернационалци.
Црвено-жолтите ќе се натпреваруваат во групата Б, во Хернинг, со домаќинот Данска, Романија и со Португалија. Двете најдобропласирани репрезентации одат понатаму во следната фаза. За Македонија тоа ќе биде деветти настап на европските првенства, 18-ти вкупно, заедно со учествата на светските првенства (СП). За македонската репрезентација настапот на ЕП 2026 ќе биде 15-то големо натпреварување во низа, серија што трае од Европското првенство во 2012 година.
ЕП 2026 ќе биде 17-то континентално првенство во ракомет. Титулата од шампионатот во 2024 година ќе ја брани репрезентацијата на Франција, а тогаш медали освоија и селекциите на Данска и на Шведска.
Состав: голмани: Никола Митревски (Еурофарм Пелистер), Мартин Томовски (Битигхајм, Германија), Марко Кизиќ (Алкалоид), Иван Галевски (Алкалоид), Васил Гогов (Вардар 1961). Леви крила: Гоце Ојлески (Охрид), Петар Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер), Иван Џонов (Алкалоид), Марио Стојановски (Вардар 1961), Димитар Димитриоски (Прилеп). Десни крила: Никола Костески (Алкалоид), Ненад Костески (Алкалоид), Ален Ќосевски (Вардар 1961), Александар Петковски (Алкалоид), Средни бекови: Игор Ѓорѓиев (Алкалоид), Марко Митев (Алкалоид), Дамјан Митев (Алкалоид), Марио Танкоски (Вардар 1961), Мартин Ивановски (Алкалоид). Десни бекови: Мартин Серафимов (Алкалоид), Томислав Јагуриновски (Охрид), Филип Николов (Бутел), Мартин Велковски (Алкалоид), Давид Савревски (Охрид). Леви бекови: Филип Кузмановски (Еурофарм Пелистер), Павле Атанасијевиќ (Еурофарм Пелистер), Емилијан Ѓоргоски (Алкалоид), Михајло Младеновиќ (Кретеил, Франција). Пикери: Жарко Пешевски (Еурофарм Пелистер), Милан Лазаревски (Вардар 1961), Валентин Карасманакис (Алкалоид), Марко Стојковиќ (Алкалоид), Самоил Ристевски (Еурофарм Пелистер. Дефанзивци: Никола Маркоски (Алкалоид), Михаил Аларов (Алкалоид). Г.И.


































