Фото/Илустрација: РФМ

Македонија на овие два дуела ќе настапи во ослабен состав. Покрај крилата Гоце Георгиевски и Дејан Мансков, кои не се земени за овие два меча, од приватни причини ќе отсуствува и бекот Филип Талески, а поради повреди пикерот Жарко Пешевски и бековите Марио Танкоски и Павле Атанасијевиќ

РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Македонската машка ракометна репрезентација, предводена од селекторот Кирил Лазаров, во неделата го имаше првиот собир за претстојниот двомеч со Португалија, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година (10-28 јануари) во Германија. Првиот дуел црвено-жолтите ќе го играат в четврток, во СЦ „Борис Трајковски“ (19 ч.), во Скопје, а вториот на 12 март, на гости во Матосињос, близу Порто (18.30 ч.).
Македонија на овие два дуела ќе настапи во ослабен состав. Покрај крилата Гоце Георгиевски и Дејан Мансков, кои не се земени за овие два меча, од приватни причини ќе отсуствува и бекот Филип Талески, а поради повреди пикерот Жарко Пешевски и бековите Марио Танкоски и Павле Атанасијевиќ. Во репрезентацијата, пак, се враќаат Мартин Велковски и Томислав Јагуриновски, кој на Светското првенство (СП) годинава се повреди и мораше извесен период да паузира. Нови имиња на овие мини-подготовки се Михаил Аларов и Марко Мишевски.
– Нѐ очекува тежок натпревар. Португалија веќе направи промена на генерации и веќе четири-пет години играат заедно, некои во Нант, во Мелсунген, Порто, Спортинг, во Бенфика и други екипи. Од она што го видов на видеоматеријалите од последното СП, се гледа дека е многу уиграна репрезентација, како дефанзивно така и офанзивно. Ќе имаме тешка работа, но се надевам дека времето ќе го искористиме за што подобро да се подготвиме и да го дадеме нашиот максимум, оти на овој собир нашата репрезентација ќе биде драстично подмладена, а ќе ни недостигаат и играчи што се повредени. Ние секогаш ќе одиме на победа, тргаме со таква мисла, но реалноста е друга. Ќе се подготвуваме да победиме, меѓутоа пред себе ќе имаме многу квалитетна селекција, која со години добро настапува на големите ракометни собири – вели селекторот Лазаров.
Како што е познато, претходно Македонија ги победи Луксембург дома, со 38-24, и Турција на гости, со 36-27, и двете се засега без освоен бод. Македонија е во групата еден и по првите две кола има четири бода, колку што има и Португалија. На ЕП 2024 пласман обезбедуваат првите две репрезентации од секоја група, како и најдобрите четири третопласирани селекции од осумте квалификациски групи.
На европските првенства, и Македонија и Португалија досега настапиле по седум пати. Португалија најдобриот пласман го оствари во 2020 година, кога беше шеста, а на последното ЕП 2022 беше 19-та. Македонија, пак, најголемиот успех го забележа во Србија 2012, кога заврши петта, но на последното ЕП во Словачка и Унгарија беше на 22-то место. Г.И.


Влезниците по цена од 100 и 200 денари

Продажбата на влезници за натпреварот против Португалија, кој се игра во СЦ „Борис Трајковски“ започна вчера напладне, онлајн, на интернет-страницата на „МК тикетс“ (https://mktickets.mk), а тие може да се купат и на сите продажни места на „МК тикетс“ низ Македонија. Продажната цена на влезниците е 100 и 200 денари.