РАКОМЕТ – ВO ПРЕСРЕТ НА ЕП 2026
- Земајќи ги предвид резултатите, составите и очекувањата, Европската ракометна федерација го даде своето субјективно рангирање на првите 10 селекции
Во тек се подготовките на 24-те репрезентации учеснички на Европското првенство (ЕП) во Данска, Шведска и во Норвешка, пред почетокот на шампионатот в четврток, а земајќи ги предвид резултатите, составите и очекувањата, Европската ракометна федерација (ЕХФ) го даде своето субјективно рангирање на првите 10 селекции.
10. Норвешка. Осло ќе биде подобро место во споредба со лани за норвешката репрезентација. На Светското првенство (СП) во 2025 година, надежите на домаќините беа големи, но по поразите од Португалија и од Бразил во прелиминарната рунда, нивните соништа за медал завршија и беа на 10. место. Една година претходно, на Европското првенство (ЕП) во Германија, тимот на Јонас Виле беше деветти. Иако главната ѕвезда Сандер Сагосен се врати по операцијата на палецот, Норвешка ќе игра без својот најдобар стрелец, Магнус Ред, поради повреда.
9. Шпанија. Транзицијата во составот на европскиот шампион од 2018 и од 2020 година е во полн ек, а резултатите од претходните настани докажуваат дека Жорди Рибера има многу работа пред себе. Во 2024 година тие не се пласираа во главната рунда по поразот од Австрија, а на СП 2025 беа 18-ти. Без Родриго Коралес и Гонзало Перез де Варгас, извонредниот голман на Магдебург, Сергеј Ернандез ја презема целата одговорност помеѓу стативите, а млади играчи како Иан Баруфет ќе се обидат да го направат својот пробив.
8. Унгарија. Петто место на ЕП 2024, несреќна елиминација во четврт-финалето од домаќинот Хрватска, осмо место на СП 2025 и непоразена во квалификациите – перформансите на Унгарија се подобрија во изминативе години. Со мешавина од унгарски и шпански начин на игра откако Чема Родригез ја презеде функцијата, Бенс Банхиди и неговите соиграчи постојано се меѓу првите 10 во светот. Унгарија игра со силна одбрана, со Патрик Лигетвари, сметаат на високи шутери како што е Зоран Илиќ, и на Банхиди како еден од најдобрите играчи на линијата во светот, како и на младиот голман Криштоф Паласич, кој ќе го замени искусниот Роланд Миклер, пишува ЕХФ.
7. Хрватска. Трипати стигна до финалето на ЕП и во секоја пригода Хрватска се враќаше дома со сребро. По извонредното СП дома, вклучувајќи ја и историската полуфинална победа над Франција, тимот на Дагур Сигурдсон лани освои уште едно сребро, но со поддршката од трибините. ЕП 2026 ќе биде прво по пензионирањето на Домагој Дувњак, а начинот на Сигурдсон за подмладување на репрезентацијата е успешен, со играчи како Лука Ловре Кларица или Филип Главаш. Освен тоа, нивното голманско дуо, Доминик Кузмановиќ и Матеј Мандиќ, спаѓа меѓу најдобрите во светот, пишува ЕХФ.
6. Португалија. Од нула до херој беше бајката на Португалија во претходните години. Чекор по чекор, тие се искачија по скалите за да станат најголемото изненадување лани на СП, прво оставајќи ги Норвешка и Шведска зад себе во главната рунда, а потоа победувајќи ја Германија во четврт-финалето за да стигнат до нивното прво полуфинале. Со моќта на шутирање на браќата Кошта, креативниот начин на водење на натпреварот со плејмејкерот Салвадор Салвадор и силното голмански дуо, Португалија е во потрага по својот најдобар резултат на ЕП досега, откако беше шеста во 2020 година. Огромна група играчи е добро уиграна, оти сите играат за Спортинг.
5. Германија. Подмладениот германски тим со шест светски прваци од генерацијата до 21 година во 2023 година, се стреми кон полуфиналето, но има големи пречки пред себе уште од првиот ден, а уште повисоки во главната рунда. Овие млади играчи, како Ренарс Ушчинс, Давид Спет, Марко Гргиќ или Нилс Лихтлајн, стекнаа искуство во претходните години покрај искусните ѕвезди, како голманот Андреас Волф, капитенот Јоханес Гола или плејмејкерот Јури Кнор. Летните олимписки игри во 2024 година докажаа за што се способни, но на СП 2025 немаа конзистентност за да стигнат до полуфиналето.
4. Шведска. По бронзата на ЕП 2024 и неуспехот поради пропуштањето на четврт-финалето на СП 2025, се очекува тимот на Михаел Апелгрен да доминира во Малме, со мешавина од искуство, како голманот Андреас Паличка или маестралниот Џим Готфридсон, како и таленти како Аксел Монсон. Речиси сите ракометари играат во врвни клубови или во Лигата на шампионите, како што се победниците во 2025 година, Феликс Клар и Албин Лагергрен во Магдебург или во Европската лига, како Ерик Јохансон во Кил. Со поддршката од навивачите дома, Шведска ќе се бори за уште еден медал, пишува ЕХФ.
3. Исланд. Пред 16 години, Исланд го освои својот прв и досега единствен медал, бронза на ЕП во Австрија. Оттогаш постојано е меѓу оние на кои треба да се внимава. Сега, кога сите врвни ѕвезди се во форма, шансата да се освојат повеќе медали е поголема од кога било. Со трите ѕвезди на Магдебург, Гисли Кристјансон, Омар Инги Магнусон и Елвар Ерн Јонсон, кои се добро етаблирани, силно голманско дуо со Виктор Халгримсон и Бјоргвин Пал Густавсон, и многу други од нивните ѕвезди што имаат клучни улоги во врвните лиги, Исланд ја докажа својата сила во квалификациите и има полесен пат до полуфиналето.
2. Франција. Се чини дека единствениот тим во моментов што може да ја загрози Данска е Франција, имајќи предвид дека во ЕХФ-купот победија двапати против освојувачите на сребро во 2024 година. Сметајќи на силна одбрана и уште посилни шутери како што се Елохим Пранди, Дика Мем или Тибо Бриет, и најдобриот играч во светот Лудовик Фабрегас, четирикратниот и актуелен европски шампиони е главен кандидат за медал, покрај олимпискиот и светски шампион Данска. Нивната единствена слабост во споредба со другите врвни репрезентации е позицијата голман, пишува ЕХФ.
1. Данска. Кој ќе го запре актуелниот светски и олимписки првак на патот кон третиот трофеј на ЕП? Кога имате играчи како Матијас Гидсел, Емил Нилсен, Симон Питлик и Магнус Заугструп и играте дома, патот до трофејот се чини дека е поплочен, пишува ЕХФ. Дури и отсуството на повредени врвни играчи како што се Емил Мадсен и Томас Арнолдсен не треба да биде камен на сопнување за тимот на Николај Јакобсен. Освен тоа, 15.000 навивачи во арената „Јиске Банк Боксен“, ќе бидат нивниот осми играч, пишува ЕХФ. Г.И.
Македонија игра на „Жолтиот куп“ во пресрет на ЕП 2026
Македонската репрезентација е на завршни подготовки пред почетокот на ЕП, на кое е во групата Б. Црвено-жолтите предводени од селекторот Кирил Лазаров се во швајцарскиот град Винтертур, каде што се дел од „Жолтиот куп“ (синоќа требаше да играат со Бахреин, денеска со Украина од 17.45 часот, а утре со домаќинот од 18.30 ч.). Заминувањето за Данска е планирано за задутре.
– Ќе се соочиме со селекции што максимално ги почитуваме и се надевам дека ќе ги исполниме сите барања од селекторот. Овие контролни натпревари ќе ни послужат за темпирање на формата и за подобрување на нашата игра во одредени сегменти. Сето ова искуство, се надевам дека ќе го пренесеме во една позитивна енергија, која ќе ни даде мотив повеќе за претстојното Европско првенство – изјави репрезентативниот пикер Жарко Пешевски.
Македонија го почнува ЕП во данскиот град Хернинг со мечот со светскиот и олимписки првак Данска, на 16 јануари (20.30 ч.), два дена подоцна е дуелот со Португалија (18 ч.), а на 20 јануари со Романија (18 ч.).
































