За стадионот со 11.000 седишта, сезонските билети се распродадени одамна. „Дефинитивно носи енергија. Кога трениравме на стадионот, тренинзите беа енергични, ентузијастички и интензивни, па разговаравме за тоа ’можете ли да замислите да го правите сево ова со 11.000 луѓе на трибините‘. Возбудливо е и се надевам дека ќе го употребиме тоа во наша корист“, рече тренерот на Канзас сити, Влатко Андоновски, пренесе АП
Првпат во Националната женска фудбалска лига во САД, а можеби и во професионалниот фудбал низ светот, Канзас сити карент се подготвува да отвори стадион, еден од ретките објекти во светот изграден за фудбалерки, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). На стадионот со 11.000 седишта, речиси целосно приватно финансиран, првпат ќе се игра на 16 март, кога тимот ќе се сретне со Портланд.
– Многу сум среќна за Канзас сити, но и за фудбалот за жени – вели бразилската ѕвезда и напаѓачка на Канзас сити, Дебина.
Повеќето од 14-те екипи во лигата изнајмуваат стадиони или, ако се во сопственост на клуб од лигата за фудбалери (МЛС), играат на тие стадиони. Но визијата на сопственичката група на Канзас сити карент, предводена од Крис и Енџи Лонг, вклучувајќи инвеститори како бекот на Канзас сити од лигата за американски фудбал (НФЛ), Патрик Махоумс, и неговата сопруга, Британи, беше да изградат сопствени објекти. Тие почнаа со изграден објект за тренинзи, а потоа го свртеа вниманието кон стадион, каде што можеа да ги контролираат стандардите, распоредот и, што е најважно, приходите, пишува АП.
– Тоа ја крева границата. Луѓето ќе сакаат да бидат во Канзас сити. И мислам дека тоа ќе предизвика брановиден ефект на глобално ниво, поставувајќи елитни капацитети за спортистки – рече Крис Лонг за АП.
Сезонските билети се распродадени одамна, а побарувачката за седишта за поединечни натпревари е доволно силна што некои гледачи веќе се прашуваат кога ќе се прошири стадионот, кој, пак, е дизајниран за во иднина да може да се додаваат седишта. Во меѓувреме почна одбројувањето до отворањето на еден од ретките стадиони во светот изградени за тим за жени во кој било спорт.
– Дефинитивно носи енергија. Кога трениравме на стадионот, тренинзите беа енергични, ентузијастички и интензивни, па разговаравме за тоа „можете ли да замислите да го правите сево ова со 11.000 луѓе на трибините“. Возбудливо е и се надевам дека ќе го употребиме тоа во наша корист – рече тренерот на Канзас сити, Влатко Андоновски, поранешен селектор на американската фудбалска репрезентација, пренесе АП. Н.М.