РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО СКОПЈЕ

Женската кадетска репрезентација на Македонија (до 18 години), предводена од селекторот Љубомир Савевски, од денеска, па до 10 август ќе биде пред нов спортски предизвик. Во Скопје ќе се одржи Светското првенство (СП) за кадетки во конкуренција на 32 репрезентации. Натпреварите ќе се играат во три сали во Скопје, и тоа во СЦ „Борис Трајковски“ и двете сали во СЦ „Јане Сандански“, а влезот за сите дуели ќе биде слободен.
Македонија е во групата Б, а противници се Иран, Сенегал и Узбекистан. Прв предизвик за кадетките денеска ќе биде Узбекистан, утре Сенегал, додека на 2 август ќе ги одмерат силите со Иран. Сите дуели на македонската селекција ќе се играат во СЦ „Борис Трајковски“, со почеток во 20.30 часот. Репрезентациите се поделени во осум групи, а најдобрите две од секоја група обезбедуваат пласман во следната фаза.
– Од ова СП очекувам да се покажеме во најдобро можно светло, оти сметам дека секогаш има шанса за висок пласман. Атмосферата во репрезентацијата е добра, спремни сме за почетокот на првенството и за надигрување со своите ривали. Со сите репрезентации од нашата група ќе има надигрување и сметам дека домашниот терен и поддршката од публиката ќе значат многу на секој натпревар.

Се надевам дека пред сѐ целиот тим, а потоа и јас индивидуално ќе го покажеме најдоброто од себе и со тоа ќе се претставиме во најдобро светло. На ова СП, секој може да биде фаворит за златото, а тоа го покажавме минатото лето на шампионатот во Литванија, кога го освоивме златото. Не знам што може да се очекува од другите репрезентации, но се надевам дека нѐ чека интересно СП – вели десното репрезентативно крило на Металург, Ива Младеновска (15).
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов, и генералниот секретар Филип Милошевски ги посетија ракометарките и селекторот Љубомир Савевски во спортската сала Автокоманда и им посакаа успех на претстојниот Мундијал во Скопје.
Кадетската репрезентација, по подготвителната фаза, која ја одработи во Маврово, последните тренинзи во пресрет на СП ги одржа во Скопје.
Како што е познато, лани на ЕХФ-шампионатот во Литванија, македонските кадетки (до 17 години) го освои златниот медал, а токму Младеновска беше избрана за најкорисна ракометарка на првенството. Г.И.