РАКОМЕТ

На 40. Изборен конгрес на Светската ракометна федерација (ИХФ), кој се одржа во Каиро, за претседател на светската куќа на ракометот беше реизбран Египќанецот Хасан Мустафа, кој освои 129 гласа (73 отсто). Мустафа е на чело на ИХФ од 2000 година, а ова ќе биде негов нов четиригодишен мандат. За потпретседател на ИХФ беше избран Французинот Филип Бана.
На конгресот беа доделени голем број признанија за успешни организации во минатите четири години, а меѓу нив и на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) за организацијата на Светското првенство (СП) за младинки во 2024 година. Наградата од страна на претседателот на ИХФ, Мустафа, му беше доделена на претседателот на РФМ, Александар Стефанов, кој заедно со генералниот секретар на РФМ присуствуваше во Каиро. На изборниот конгрес, РФМ поднесе апликации за домаќинство на светските првенства во сите младински категории за периодот меѓу 2026 и 2029 година.
– Ракометната федерација на Македонија упатува искрени честитки и посакува успешна соработка и уште поголем развој на македонскиот и светскиот ракомет – информираат од РФМ. Г.И.