РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2026
- Никогаш не знаеш кога ќе се појави нов доминантен тим или дали ќе се случат повреди. Па, сега, кога сме тука со фантастичен тим и тренер, мора да ја искористиме секоја шанса за победа, вели Гидсел, десниот бек на актуелниот светски и олимписки првак, Данска
Потребно е многу повеќе од талент за да се биде доминантен како што беше машката репрезентација на Данска во светскиот ракомет во изминатата деценија. Но, и покрај сите нивни успеси на меѓународната сцена, европското злато недостасува во нивниот славен кабинет со трофеи уште од Европското првенство (ЕП) во 2012 година. Актуелните олимписки и четирикратни светски шампиони во низа ги одбројуваат деновите до почетокот на ЕП 2026, а данскиот град Хернинг е еден од градовите-домаќини. Како најкорисен играч во сезоната 2024/2025 во избор на Европската ракометна федерација (ЕХФ) и светски играч на годината на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) за 2023 и за 2024 година, десниот бек Матијас Гидсел, ги прифаќа притисокот и очекувањата.
– Го прифаќам притисокот. Во секој случај не можам да го сменам. Тоа е едноставно дел од работата. Не чувствувам поголем притисок на ова првенство од другите, особено затоа што сме дома и ја чувствувам поддршката. Го прифаќам и излегувам да го правам она што го сакам – вели Гидсел за ЕХФ.
Со оглед на тоа што Данска е еден од фаворитите, ако не и фаворит, да го освојат трофејот на 1 февруари, 26-годишникот ужива во можноста да игра пред полна сала дански навивачи во најголемата затворена арена во земјата.
– Тоа го гледам само како позитивна работа. Веќе има многу очекувања и тоа нема да се промени затоа што играме дома. Кога ќе ја почувствувате енергијата во арената, заборавате на заморот. Едноставно сте 100 отсто подготвени. Сон на секој играч е да игра во полна арена „Јиск Банк Боксен“ – вели тој.
ВОСПОСТАВУВАЊЕ ДОМИНАЦИЈА СО ЈАКОБСЕН И ЦЕЛ КОН ТРОЈНАТА КРУНА
Откако Николај Јакобсен стана селектор на Данска во 2017 година ниту еден национален машки тим не освоил повеќе медали (осум) на големите турнири од Данска, а само Франција е блиску до тоа, со шест. Гидсел објаснува за тоа дали е лесно или тешко да се игра под интензитетот на Јакобсен.
– Истовремено е и лесно и тешко. Николај е многу вешт во идентификувањето на квалитетите што ги има секој играч и како сите можеме да придонесеме. Тој е и тренерот што го имав што најмногу ги развива работите во текот на една репрезентативна година, постојано имплементирајќи нови системи. Тој ни поставува високи барања и тоа може да биде тешко, но тоа е и она што нѐ прави исклучително добри, тоа што мора да дадеме малку повеќе – вели Гидсел.
Останувањето на врвот и фалењето со улогата на фаворити во поголемиот дел од претходната деценија носи дополнителен притисок секојпат кога Данска ќе стапне на теренот. Гидсел, заеднички најдобар стрелец на ЕП 2024, ја открива тајната за справувањето со тој притисок.
– Веројатно секогаш ќе има големи очекувања да победи данската репрезентација. Но, наместо да имаме цел да освоиме злато, си поставивме цел да играме добар ракомет. Тоа е она што нѐ мотивира секој ден и на турнирите, дека мора да играме добар ракомет. Бидејќи ако го сториме тоа, многу е тешко да бидеме победени. Така се справуваме со притисокот – рече Гидсел.
Со златниот олимписки медал од 2024 година и трофејот од Светското првенство (СП) освоени лани, Данска има ретка шанса да ги обедини сите големи трофеи и да ја освои таканаречената тројна круна, неверојатен подвиг постигнат во машкиот ракомет само од Франција, во 2010 и во 2015 година.
– Важно е што си ветивме еден на друг интерно, кога си добар како нас, целта е да се освои што е можно повеќе титули во најкраток можен рок. Никогаш не знаеш кога ќе се појави нов доминантен тим или дали ќе се случат повреди. Па, сега, кога сме тука со фантастичен тим и тренер, мора да ја искористиме секоја шанса за победа – смета Гидсел.
ПОТИКНУВАЊЕ МОТИВАЦИЈА
Гидсел беше 12-годишно момче со големи соништа кога Данска ја освои титулата на ЕП 2012, својата последна европска титула.
– Дефинитивно се сеќавам како го гледав натпреварот, но разбирањето за тоа колку беше важно да се освои ЕП веројатно го немав како 12-годишник. Се сеќавам на легендарните дресови и на Ларс Кристијансен и другите играчи на кои се угледував. Вистина е дека помина долго време откако го кренавме тој трофеј, но тоа само ни дава уште поголема желба – вели Гидсел.
Данска беше блиску до освојување на ЕП уште двапати, а Франција ѝ го одзеде во двата наврата, во 2014 и во 2024 година. За тоа што недостасувало или сега недостасува за Данска пак да биде европски првак, Гидсел вели: „Не мислам дека ни недостасува нешто, но тоа е потсетник дека многу силни селекции можат да победат. На ЕП 2024 бевме на еден чекор да станеме прваци. Значи, главно е случајност што ЕП е единствената титула што не сме ја освоиле со години, а понекогаш ви треба малку среќа во одлучувачките моменти“.
ЕП 2026 ќе биде првото на Данска по години без легенди како Микел Хансен, Никлас Ландин, Хенрик Мелгард и Ханс Линдберг, но Гидсел е убеден дека на Данска не ѝ недостасува искуството потребно за трофејот.
– Докажавме дека можеме да го направиме тоа и без нив. Тоа не значи дека се незначителни, културата на тимот го одразува она што го изградија во текот на 20 години. Но, сега е наш ред да покажеме дека новата репрезентација може да ја преземе контролата. Не чувствувам дека ни недостасува искуство со сѐ што веќе поминавме заедно – вели бекот на Фуксе Берлин.
Данска го почнува ЕП од групата Б, заедно со Португалија, Македонија и со Романија.
– Се надевам дека ќе ја поминеме групната фаза и ќе влеземе во главната рунда. Неверојатно е колку силни репрезентации има во таа група во главната рунда. Тоа ќе биде одлична реклама за ракометот секојпат кога ќе стапнеме на теренот – рече Гидсел, пренесе ЕХФ. Г.И.
































