Фото: РФМ

РАКОМЕТ

  • Во последното коло од квалификациите за ЕП 2026 Македонија ѝ гостува на Словенија в недела. Двете првопласирани селекции од секоја од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните ќе играат на континенталното првенство

Македонската женска ракометна репрезентација не ја изненади Германија во Скопје и го претрпе четвртиот пораз (27-35) во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава. Најефикасна во македонските редови беше Јована Кипријановска со шест гола, а кај Германките Нина Енгел со девет погодоци.
Германија, која е актуелен светски вицепрвак, и пред овој дуел веќе обезбеди пласман на ЕП 2026, сега со максимални пет победи, без пораз, а тоа го стори и Словенија, со вкупно три победи, по високата победа (36-14) на гости против Белгија. И покрај поразот, избраничките на селекторот Кристијан Грчевски, кои имаат ефект од една победа и четири пораза, уште имаат шанси осми пат да се пласираат на ЕП, но тоа ќе зависи од последниот меч со квалитетната Словенија на гости, во Велење, в недела (од 18 часот), како и од резултатите на другите репрезентации во другите групи.

Двете првопласирани селекции од секоја од шесте квалификациски групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните, обезбедуваат пласман на ЕП 2026. Според рангирањето на третопласираните селекции (резултатите против четвртопласираната селекција во групата не се земаат предвид), прва е Португалија (група четири) со два бода, а потоа се Украина (група пет), Македонија (група три), Финска (група еден), Грција (група шест) и Италија (група два), сите без бодови.

Досега пласман на ЕП 2026 обезбедија домаќините на првенството, Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција, потоа најдобрите три репрезентации од ЕП 2024, Норвешка, Данска и Унгарија, како и Франција (група еден), Холандија (група два), Германија, Словенија (група три) Шведска (група пет) и Шпанија (група шест). Г.И.