Репрезентација на Франција по четврти пат ја освои титулата на Европското првенство во ракомет, совладувајќи ја Данска со 33-31 по продолженија, во финалето во Келн. Натпреварот помеѓу актуелниот олимписки и светски првак заврши 27-27 (14-14) по 60 минути игра.
Легендарниот Никола Карабатиќ го освои 11-от златен медал со репрезентацијата. Се очекува претстојните Летни олимписки игри во Париз, годинава, да бидат последно големо репрезентативно натпреварување за 40-годишниот бек на „триколорите“.
Данецот Микел Хансен, пак, со девет гола беше најпрецизен во финалето и со вкупно 296 погодоци стана најефикасниот играч во историјата на европските првенства. А Французинот Недим Ремили беше прогласен за најкорисен ракометар на турнирот.
Данска беше блиску до победата, но Франција избори продолженија преку Лудовик Фабрегас на помалку од 30 секунди до крајот. „Триколорите“ потоа во продолженијата стигнаа до златото.
Репрезентацијата на Шведска го освои бронзениот медал на Европското ракометно првенство во Германија, откако вечерва во натпреварот за третото место во Келн го совлада домаќинот со 34-31 (18-12).
До својот прв бронзен медал на европските првенства Шведска ја предводеше голманот Андреас Паличка кој натпреварот го заврши со фантастични 19 интервенции.
Шведска, која на континенталниот турнир во Германија допатува како бранител на титула, во својата колекција има и пет европски златни одличја, како и едно сребро.
Македонската репрезентација го заврши настапот на Европско првенство на 17-то место.