Фото: ЕПА

Франција досега играла на сите 15 ЕП, има освоено три злата и две бронзи и е втора по бројот на освоените медали. Во репрезентацијата има ракометари од седум клуба: Монпелје (пет), Веспрем (четири), ПСЖ (три), Барселона (три), Нант (два), Киелце (два) и Кил (еден)

РАКОМЕТ – ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ ПРОТИВНИЦИТЕ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2024 (1)

Репрезентацијата на Франција, првиот противник на Македонија на 16. Европско првенство (ЕП) во ракомет за мажи, кое ќе се одржи годинава во Германија (10-28 јануари), е ракометна велесила. Досега играла на сите минати 15 ЕП (вкупно 104 меча, 140 бода, 65 победи, 10 ремија и 29 порази), а има освоено три злата и две бронзи и е втора по бројот на освоените медали, зад Шведска со шест злата. Французите се искачиле највисоко на пиедесталот во Швајцарија 2006, Австрија 2010 и во Данска 2014 година, додека бронзени биле во Норвешка 2008 и во Хрватска 2018 година. Двапати биле четврти, еднаш петти, трипати шести, двапати седми и по еднаш 11-ти и 14-ти. „Триколорите“ се најуспешна селекција на светските првенства со шест злата, две сребра и четири бронзи, а се вицепрваци од последното СП 2023, загубувајќи во финалето со 29-34 од Данска. Франција е исто така и најуспешна селекција на Олимписките игри (ОИ), со три злата и по едно сребро и бронза. Таа е актуелен шампион од последните ОИ во Токио 2020, совладувајќи ја со 25-23 во финалето Данска. Франција е единствената селекција што била европски, светски и олимписки шампион во исто време (2010 и 2015).
Предводена од селекторот Гијом Жил, кој со Франција веќе има едно злато, секако и во Германија ќе атакува на еден од медалите иако поради повреда нема да настапат голманот на Кил, Венсан Жерар, левото крило на ПСЖ, Матеј Гребиј, и десното крило на Киелце, Беноа Конку. Но тука е искусниот лев бек Никола Карабатиќ, околу кого се чини сѐ ќе се врти и на ова ЕП, а за него и последно. Покрај него, тука се и секогаш опасните скок-шутери од далечина Тимоти Н’Гесан, Дика Мем… Во репрезентацијата има ракометари од седум клуба: Монпелје (пет), Веспрем (четири), ПСЖ (три), Барселона (три), Нант (два), Киелце (два) и Кил (еден). Секогаш негувајќи брз, борбен, напаѓачки ракомет со брза и прецизна трансформација од одбрана во напад и обратно, како и цврст бедем пред својот гол, Франција и на ова ЕП ќе настојува да го зголеми своето конто на медали.
Македонија, која по осми пат ќе настапи на европските првенства, ќе има тешка задача во дуелот од групата А (каде што се уште и домаќинот Германија и Швајцарија н.з.), каде што токму против Франција ќе има чест да го отвори ова ЕП на арената „Меркур Шпил“ во Диселдорф, на 10 јануари (18 ч.), кога се очекува да присуствуваат повеќе од 50.000 гледачи, што ќе претставува и светски рекорд на посетеност на еден ракометен меч во историјата. Македонија и Франција се сретнале само еднаш на ЕП, и тоа во Полска 2016 година, кога црвено-жолтите загубиле со 23-30 иако по првиот дел било нерешено (12-12). Г.И.


Состав на Франција за ЕП 2024

ГОЛМАНИ: Самир Беласен (Кил), Реми Десбоне (Монпелје), Шарл Бозингер (Монпелје); ЛЕВИ БЕКОВИ: Тибо Брие (Нант), Никола Карабатиќ (ПСЖ), Тимоти Н’Гесан (Барселона), Елоим Пранди (ПСЖ); СРЕДНИ БЕКОВИ: Кентан Мае (Веспрем), Омерик Мин (Нант), Недим Ремили (Веспрем); десни бекови: Дика Мем (Барселона), Мелвин Ричардсон (Барселона); ЛЕВИ КРИЛА: Иго Деска (Веспрем), Дилан Наи (Киелце); ДЕСНИ КРИЛА: Јанис Лен (Монпелје), Валентин Порт (Монпелје); ПИКЕРИ: Лудовик Фабрегас (Веспрем), Лука Карабатиќ (ПСЖ), Карл Конан (Монпелје), Николас Турна (Киелце).