Фото: РФМ

Во првата фаза присуствуваа импозантни 537.531 гледач, на неколку натпревари арените беа распродадени, а во сите 36 меча од прелиминарното коло беше забележана исполнетост на салите од 98 проценти

РАКОМЕТ

Европското првенство (ЕП) за ракометари во Германија, барем по првата групна фаза од натпреварите, ќе биде запаметено и по масовната посетеност од публиката, каде што освен домашните, доминираа и навивачи на репрезентацијата дебитант, Фарски Острови, која на секој дуел беше бодрена од по 5.000 гледачи, односно 10 отсто од вкупното население, која пријатно изненади и со играта што ја прикажа иако не успеа да обезбеди пласман во главната групна фаза. Натпреварите во шесте групи во Германија од трибините ги следеа вкупно 537.531 гледач (во просек по 14.931 гледач).
На неколку натпревари на годинашниот континентален шампионат арените беа распродадени, а во сите 36 натпревари од прелиминарното коло беше забележана исполнетост на салите од 98 проценти, а сегашните бројки покажуваат дека шампионатот е на пат да достигне бројка од еден милион гледачи, што ќе означи уште еден рекорд во историјата на континенталните првенства, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница.
ЕП 2024 ќе биде запаметено по новиот рекорд поставен на првиот ден, односно двата дуела (Македонија – Франција и Германија – Швајцарија), кои се одиграа на специјално преуредениот фудбалски стадион во Диселдорф, каде што присуствуваа рекордни за ракометен меч 53.586 гледачи. Поранешниот светски рекорд за посетеност на еден ракометен меч беше поставен пред 10 години на германски фудбалски стадион, кога 44.189 луѓе присуствуваа на дуелот Левен – Хамбург во арената во Франкфурт.
Најмногу публика имаше во Манхајм (79.758) и во Берлин (77.049), каде што играше и репрезентацијата на Македонија. По првите три натпревари од главната група два во Хамбург, бројот на гледачи е намален во однос на претходните натпревари по групи. Така, првиот дуел го следеле 8.707 гледачи, вториот 9.568, а третиот 9.933.
Ако направиме споредба со претходното Европско првенство, во 2022 година, бројот на гледачи беше помал. Така, вкупно по првата фаза по групи, на 36 натпревари присуствувале вкупно 166.721 гледач или во просек 4.631 по натпревар. Г.И.