Најдобрите три селекции меѓу првопласираните во квалификациите ќе бидат во првиот барабан, а преостанатите во вториот. Осумте второпласирани и четирите третопласирани селекции ќе бидат во третиот и во четвртиот барабан за ждрепката на 10 мај во Диселдорф
РАКОМЕТ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024
Според информациите на Европската ракометна федерација (ЕХФ), трите најдобри селекции од ланското Европско првенство (ЕП), Шведска, Шпанија и Данска, како веќе пласирани на континенталниот шампионат, в година во Германија ќе бидат сместени во првиот барабан при извлекувањето на групите на 10 мај во Диселдорф. Во првиот барабан ќе бидат и трите најдобри селекции од квалификациите.
Во вториот барабан веќе има резервирано само едно место, и тоа за домаќинот Германија, а пет првопласирани селекции од квалификациите ќе ги исполнат преостанатите места. Осумте второпласирани селекции од квалификациите, како и четирите третопласирани селекции, ќе бидат сместени во третиот и во четвртиот барабан за ждрепката, во зависност од освоените бодови во квалификацискиот циклус.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров моментно имаат четири бода по победите над Луксембург дома и над Турција на гости, но исто толку има и Португалија. Токму меѓусебниот двомеч (9 и 12 март) ќе го реши прашањето кој ќе биде прв во групата, што, пак, ќе се рефлектира и врз тоа која селекција во кој барабан ќе биде за ждрепката за ЕП 2024. Појасно ќе стане по третото и четвртото коло од квалификациите идната недела, но и по гостувањето кај Луксембург и играњето дома со Турција (двата меча во април).
ЕХФ реши и кои репрезентации во кои градови би играле доколку се пласираат на Европско првенство. Така Германија ќе биде во групата А и Норвешка во групата Д, двете во Берлин, Хрватска во групата Б и Шведска во групата Ц би играле во Манхајм, а Исланд во групата Ц и Данска во групата Ф, во Минхен. Двете најдобри репрезентации во групите А, Б и Ц ќе се пласираат во главната рунда, која ќе се игра во Келн, а првите две селекции од групите Д, Е и Ф продолжуваат во Хамбург. Г.И.
На ЕП 2024 се очекува светски рекорд
Се очекува 50.000 гледачи да присуствуваат на првите два натпревара на првенството, вклучувајќи го и првиот натпревар на Германија, а повеќе од 40.000 билети за мечевите се веќе продадени, пишува Европската ракометна федерација (ЕХФ). Доколку се достигне бројката од 50.000, ќе биде поставен светски рекорд за најголема посетеност на ракометен натпревар. Тие средби е предвидено да се играат на стадионот во Диселдорф.