Еднодневниот бесплатен ракометен семинар ќе се одржи за време на кампот во Охрид и истиот тој ќе опфаќа предавање на специјалниот гостин и тренер на кампот, Владан Јордовиќ, заеднички ручек и дружење на сите тренери на семинарот и попладневен практичен дел
РАКОМЕТ
Продолжувајќи ја праксата за подигање на квалитетот на тренажниот процес, проширување и надградба на знаењето на учесниците, но и на тренерскиот кадар што работи со младите ракометари во Македонија, организаторот на ракометниот камп „40х20“, агенцијата „КМГ спорт“, со огромна чест и задоволство го најавува учеството на директорот на младите категории во унгарскиот ракометен гигант Пик Сегед и тренер во националната ракометна академија, Владан Јордовиќ, во улога на тренер на третото издание на ракометниот камп „40х20“ и предавач на еднодневниот бесплатен семинар, кој ќе се одржи за време на одржување на кампот, а е наменет за македонските тренери што работат со млади категории македонски ракометари.
– По покана на мојот спортски пријател Горан Ѓоргоноски, чија работа ја следам и знам за каков професионалец се работи, летово ќе бидам дел тимот тренери на кампот „40х20“ во Охрид. Го следам развојот на истиот тој дигитално и знам за каков проект се работи. Ќе дадам сѐ од себе годинава кампот да биде уште поквалитетен, за што е планирано да работиме индивидуално со учесниците, да имаме групни тренинзи, но и да одржиме предавања за тренерите на кампот и за сите други тренери што се заинтересирани да слушнат и да дебатираат во однос на развој на ракометот кај младите категории. Се гледаме во прекрасниот Охрид – го најави своето учество на ракометниот камп „40х20“ директорот на младите категории и академијата на Пик Сегед, Владан Јордовиќ.
Еднодневниот бесплатен ракометен семинар ќе се одржи за време на кампот во Охрид и истиот тој ќе опфаќа предавање на специјалниот гостин и тренер на кампот, Владан Јордовиќ, заеднички ручек и дружење на сите тренери на семинарот и попладневен практичен дел. Семинарот е предвидено да се одржи на 3 јули (среда) и да биде реализиран во два дела.
Првиот дел од семинарот е теоретски и ќе се реализира во конгресната сала на хотелот „Аквалина“, од 12 часот. Тема на предавањето е „Трендови и систем на работа во млади возрасни категории во склад со моменталните тенденции на развој на сениорскиот ракомет“. Вториот дел е практичен, индивидуален тренинг со одредена група играчи по позиции, во насока на „исправување на недостатоците кај млад играч од технички аспект и истиот тој ќе се реализира во попладневните часови на терените во комплексот на хотелот „Аквалина“ во Охрид.
Како врвен ракометен стручњак што е задолжен за планирање и менаџирање, но и организација на тренинзите и натпреварите на младите категории што припаѓаат на ракометната академија на еден од најбогатите и најдобри европски ракометни колективи, Јордовиќ за време на одржувањето на кампот ќе одржи неколку групни и индивидуални тренинзи со различни возрасни групи на учесници на кампот, но планирано е и да реализира едно предавање и една панел-дискусија на повеќе актуелни теми во сегментот на младинскиот ракомет.
– Огромна чест и задоволство ни претставува фактот дека врвен ракометен работник, кој долги години е на чело на ракометната академија на еден од најголемите европски ракометни клубови, Пик Сегед од Унгарија, со опис на работно место што опфаќа менаџирање со буквално сите старосни категории на клубот, од школите за ракомет, преку младинските селекции и втората екипа на клубот, во текот на одржувањето на кампот ќе биде наш гостин, од што големи бенефиции ќе имаат учесниците на кампот, тренерите, гостите на семинарот и ние како организација.
Како организатори на кампот, покрај тоа што инвестираме на кампот да има и повеќе од доволно тренери, за работа со учесниците и за подобрување на условите за работа, секоја година се обидуваме, од сопствен буџет, да донесеме едно значајно име во сегментот на младинските категории, што го сметаме за многу значаен за развој и продолжување на трендот, ракометот да биде спорт број еден во Македонија. Токму затоа и годинава, покрај тренерите од Македонија, селектирани според ракометен и човечки квалитет, на кампот ќе имаме и двајца тренери од странство, од кои Владан Јордовиќ ќе биде присутен постојано на целиот камп. Наскоро, организаторот на кампот, агенцијата „КМГ спорт“, ќе испрати покани до сите тренери во Македонија што сакаат да бидат дел од еднодневниот семинар, кој ќе се одржи во комплексот на хотелот „Аквалина“ во Охрид – вели Горан Ѓоргоноски, од „КМГ спорт“, организатор на ракометниот камп „40х20“.
Ракометниот камп „40х20“ со изменет концепт на работа, со назнака на индивидуален пристап кон секој учесник, како дел од проектот „Ракомет за секое дете“, за првпат се одржа во јуни 2021, а годинава од 30 јуни до 5 јули ќе го има третото свое издание, со 88 учесници од Македонија, Шпанија, Шведска, Србија и од Турција. На кампот ќе работат 15 тренерски имиња од Македонија и од странство, а како гости ќе се појават неколкумина македонски ракометни репрезентативци, кои треба своето искуство и знаење да им ги пренесат на младите ракометари/ки на кампот. Г.И.